Ако денот се познава по утрото, тогаш ВМРО-ДПМНЕ имаат сериозна причина за загриженост по вчерашниот прв ден од предизборната кампања во кој наместо нов старт со нови идеи на површина испливаа сите аномалии кои ги влече овој политички концепт, заедно со сите негови претставници. Со еден збор дебакл.

Кампањата ја отворија со промотивен спот “Исправи се Македонијо”. Ако целта беше со спотот да допрат до што поголем број на граѓани, тогаш целта е постигната. Спотот навистина допре до сите бидејќи нацијата вчера остана шокирана од она што и беше прикажано, па во неверување сите си го препраќаа еден на друг.

Реакциите на социјалните мрежи се движеа од отворен потсмев, шок, вчудоневидување, неверување, па сè до револт, лутина, гнев и бес. Има и такви кои се прашуваа да не е пародија, односно да не им го подметнал некој спотов на ВМРО-ДПМНЕ?

Епа тука всушност лежи и проблемот! Спотот ниту им е подметнат, ниту е пародија, а најмалку е хумористичен. Напротив, истиот веројатно е добро платен и направен по нивна нарачка. А, главна улога ни помалку, ни повеќе е големиот месија Мицкоски, во слободно време универзитетски професор. Она што е сигурно е дека универзитетски професор со волку тесни и ограничени сфаќања досега не е забележан во светот. По природа на професијата тој треба да едуцира, да се залага за инклузија, а тој всушност става јасна дистанца помеѓу себе како посебна сорта и останатите обични смртници.

Вчера македонската јавност имаше прилика да види дека ова ВМРО-ДПМНЕ, на чело со лидерот Мицкоски и групата околу него, живеат во меур, отсечени од реалноста. Тој меур вчера им се распрсна за 15 минути и им покажа колку се самобендисани, арогантни и оддалечени од секојдневниот живот на обичнте граѓани. Дали сега конечно на сите ни стана јасно зошто Мицкоски одеше по тереани и кафани, тогаш кога другите не одеа?!

Со оглед на фактот дека на првиот ден од кампањата пред електоратот покажаа дека се супериорни, недопирливи, супермоќни, надреални, на рангот на божества кои лечат со допир, нејасно е дали остана уште нешто да видиме во остатокот од кампањата?

Неколку прашања сè уште лебдат неодговорени, а секако залужуваат одговор:

  • Која е целта на спотот, која порака сакале да ја пренесат?
  • Кога и како се снимал спотот, какви мерки за заштита биле користени бидејќи во секој кадар има групирање на луѓе?
  • Дали во партијата го виделе спотот пред да го пуштат?
  • Помислиле ли на хендикепираните лица и на лицата со попреченост?
  • Ги разбираат ли термините дискриминација, деградација, понижување?
  • Помислиле ли на родители кои водат борби со сколиози и кифози на своето потомство?
  • Дали ова е најлошиот политички спот снимен досега?

Се разбира дека спотот бил виден, а што е уште потрагично бил дочекан со восхит како полн погодок, вистинско ремек-дело!

А знаете ли како се чувствува обичниот граѓанин кога го гледа? На обичниот граѓанин му е незгодно, непријатно, се срами и во ваше име?

Ете, тоа е разликата помеѓу врхушката на ВМРО-ДПМНЕ низ која тече сина крв и обичните граѓани, ама тоа не можат да го видат надвор од ѕидовите на белиот дворец.