Државата го започна својот пат кон ЕУ, Владата сама себе се блокира. Стравот од било кои идни блокади, е сам по себе блокада. Мицкоски ги блокира граѓаните и напредокот на државата додека сите не плаши со идни блокади. Овој апсурд не е виден никогаш во политичката историја. Но она што е видено и се повторува е периодот од 2008 година кога ВМРО-ДПМНЕ беше на власт. Тогаш, од лидери во ЕУ интеграциите паднавме на последно место. Сега повторно Влада на ВМРО-ДПМНЕ сака од последно место конечно да се откажеме од планот за евроинтеграции, порача денеска на прес-конференција претседателот на СДСМ Венко Филипче.
Неговото обраќање ви го пренеусваме во целост:

ВМРО-ДПМНЕ и Мицкоски се цунами за Македонија. Оваа Влада е Влада без чуство за одговорност, лидерство и грижа за грѓаните. Ова е Влада која во 100 дена само се жали, бара оправдувања и внесува параноја во општеството. Наместо за надеж се говори за дестабилизации, наместо за решенија се отвараат нови проблеми, наместо за мир и градење мостови, се создаваат нови надворешни и внатрешни непријатели. Ова се политиките на ВМРО-ДПМНЕ со кои сакаат граѓаните да ги направат гневни, раскарани и откажани од подобар живот.

Најголемата трагедија е што ВМРО-ДПМНЕ всушност сака повторна билатерализација на европскиите преговори и спорот со Бугарија. Треба на сите да им е јасно, спорот со Бугарија не беше веќе билатерален. Со тешки маки успеавме од билатерален спорот да го донесеме во рамки на преговорите.

Ние веќе не преговараме со Бугарија туку со ЕУ, а ВМРО-ДПМНЕ сака пак да го билатерализира. Значи целта е да се врати се наназад односно да се отоври повторно билатерален проблем. Како планира Мицкоски со реторика на карање и конфликти да обезбеди подобри услови со Бугарија во билатерална комуникација? Свесен ли е дека ќе добие само полош Договор? Свесен е, но тоа е очигледно и целта. Ова прашање да биде повторно и повторно главна тема во медиумите, а расправиите со соседите главна алатка на неговата пропаганда.

Јас и понатаму сум убеден дека со промената на Уставот што е јасен услов од Преговарачата рамка, ништо нема да изгубиме. Напротив, ќе добиеме.

Тоа е најдобриот начин да се заштитиме од натамошни барања и уцени. Тоа е единствениот начин веќе за секој проблем со кој може да се соочиме, да биде решаван во рамки на ЕУ пред сите членки, а не само Бугарија. Тоа е начинот веќе да нема билатерилизација на проблемот. Со почеток на разговорите ние веќе никогаш нема да преговараме со Бугарија туку со ЕУ и таа е гаранцијата за нашиот пат кон членство.