Од петок, 15 ноември, сите возила мора да бидат опремени со задолжителна зимска опрема, како што е пропишано во Правилникот за задолжителна опрема на возилата, велосипедите, запрежните возила и тракторите. Оваа обврска важи до 15 март и е клучна за безбедноста на сообраќајот во зимските услови.

Што се подразбира под зимска опрема?

За возила со тежина до 3.500 кг, зимската опрема подразбира:

• Зимски пневматици на сите четири тркала со минимална длабочина на шарите од 4 мм;

• Летни пневматици на сите четири тркала со длабочина на шарите од 4 мм, ако возилото има синџири за снег.

За возила со погон на четири тркала (4×4):

• Зимски пневматици на сите тркала со минимална длабочина од 6 мм;

• Летни пневматици со длабочина на шарите од 4 мм, со синџири за снег (во зависност од типот на погон).

Возилата над 3.500 кг, пак, мораат да имаат:

• Зимски пневматици на погонските тркала со длабочина од 6 мм;

• Летни пневматици со длабочина од 4 мм и синџири за снег, а во некои случаи и лопата како прирачен алат.

Важно е да знаете:

Пневматиците кои се сметаат за зимски имаат ознаки како „MS“, „M+S“ или знак на снегулка со планина. Според законот, возачите немаат дозвола за користење на пневматици со клинци.

Последици од непочитување на обврските

Полициските службеници ќе наредат запирање на возилото ако не поседува зимска опрема, дури и кога нема знак што го бара тоа, ако зимските услови го наложуваат тоа. Казната за непочитување изнесува 45 евра во денарска противвредност, а возачот ќе добие и 25 негативни бодови.

Обезбедете ја зимската опрема навреме и патувајте безбедно!