Владата предводена од СДСМ и премиерот Зоран Заев, со петтиот пакет економски мерки, ја продолжува вистинската грижа за работниците, за граѓаните, за компаниите, грижата за економијата, изјави на прес-конференцијата, Богданка Кузеска, портпаролка на СДСМ.

„Градење стабилна и развојна економија и обезбедување помали трошоци за граѓаните се приоритетите на кои работиме како државничка и одговорна партија.

Со мерката 22 во петтиот сет економски мерки е вклучено бришењето камати на граѓаните кон Јавни институции и претпријатија.

Со законски измени Јавните комунални претпријатија, Јавните претпријатија и Управата за Јавни приходи, како и на општините и на сите други институции од јавните дејности, ќе им се нареди да ги простат и избришат долговите на граѓаните, по основ на камати во висина од 100%.

Ова се однесува на сите физички лица во државата“, истакна Кузеска.
„Главнината пак, којашто граѓаните ја должат повеќе од три месеци, по основ на испорачани комунални и други јавни услуги или даноци и данок на имот, ќе може да се репрограмира за плаќање во период од 12 месеци.

Мерката за репрограмирање ќе се направи преку објава на Јавен повик во траење од 5 месеци. Во овој рок, граѓаните ќе може да побараат репрограмирање на долговите.

Тоа значи дека секој граѓанин ќе има можност да добие отпис на камати, ако претходно направи репрограмирање за отплата на основниот долг на 12 месеци.

За да се спречи злоупотреба на оваа мерка, ако граѓанинот после првиот месец не продолжи со исполнување на договорните услови, затезните камати ќе почнат да течат како претходно.

Бришењето камати на граѓаните кон јавните институции и претпријатија, не се однесува на долгови кон приватни претпријатија кои даваат јавни услуги, како и на правните лица кои се корисници на ваквите услуги или даночни обврзници.

Но, според апелот од Владата, и приватните компании може да се вклучат во оваа мерка, како чин на солидарност, со што на граѓаните ќе им се отпишат каматите на долгот, а ќе ја платат само главнината.

Најтешкото е зад нас. Остануваме посветени на поддршка на граѓаните и компаниите кои директно ги почувствуваа последиците од коронакризата.

Продолжуваме со реализација на мерки и политики со коишто се гради стабилна и развојна економија и олеснување на секојдневниот живот на граѓаните од секој аспект“, посчи Кузеска.