Некој во оваа наша Македонија си прави „Бајрам со паметот“. Да се чуди човек и да не верува. Секој што сака прави.Секој си тера по свое. Секој сам „есап“ си прави.Уште изборите неодржани, ВМРО-ДПМНЕ вели дека е победник. И тоа голем победник. На големо, каде што ќе „стаса“, вели дека повторно се враќа на влас.Дека повторно, како до пред три години, „кадија ќе тужи, кадија ќе суди“. Од чудно почудно. „Детето уште не родено капа му скроиле“.
Техничката влада работи се, а најмалку да подготви фер избори. Работи по задача да го ичистат патот. Го бараат само лошото кај сегашната Влада. Не за друго туку да ги компромитираат СДСМ и да му кажат на народот дека незнаеле држава да „водат“. Без срам и перде на народот му ветуваат дека ќе го врателе името на Македонија. „Нема НАТО, ЕУ. Не признаваме договори со Грција и Бугарија. Не признаваме референдум. Ништо не ни може меѓународната заедница. Се ќе поништиме. Не ни се потребни.
Нема Северна Македонија. Нема меѓународен договор.Кој сака Европа патот им е отворен. Преспанскиот во „канта за ѓубре“.Договорот со Бугарија како да не ни бил. Ако треба со сите ќе се караме ама по наше ќе биде, а не како што сака Европа!“, му велат на народот. Осоколени се како никогаш досега. Излегоа од дупката на глушецот и пркосат. Владата е збунета и затечена. Заев се збуни. Се исплаши.Или се истрча. Кој знае. Откако си даде оставка гласот помалку му се слуша.Или пак на вмровците „вода“ под задникот им пушти.Како поинаку да кажеме за неговата изјава дека ако ВМРО го поништи Преспанскиот договор Македонија ќе се врати назад за дваесет и пет години. Дека НАТО ќе биде поништен и дека нема да има ни „ронка“ од ЕУ. Што му требаше ваква изјава на Заев. Се исплаши ли од изјавите на Мицко или пак предвреме „крена“ раце!?. Оваа изјава на Заев како уште повеќе да им ги крене акциите на вмровците без да сетат дека тој ги „наседнува“.Но, ВМРО не сопира. Николовски јавно вели дека ако добиле две третини од пратениците никој како нив нема да бил. Тогаш без да бројат до три ќе го врателе името на Македонија.Кој ја „ферма“ меѓународната заедница. И Грујо ќе си го врателе.Токму така. Чудно. „Рибата уште во морето, а тие тавчето го ставиле на оган“.
ВМРО и Мицко мислат дека Македонецот е со кратко паметење. Дека ќе се откаже од НАТО и ЕУ и дека ќе се врати во груевизмот. Ќе го заборави најцрното „премрежје“ што му го направија Грујо и неговата тајфа и дека ќе го свиткаат грбот и ќе дозволат вмровците пак да ги „јаваат“. ВМРО-ДПМНЕ не гледа и не слуша.На „големо“ трчаат кон победа. Велат ќе го посетеле секој Македонец, па макар да бил скриен и во длабока дупка. Ќе ја посетеле секоја куќа. Ќе го молеле народецот за прошка за она што го направиле зашто тоа било минато.Ќе им кажеле дека само тие можат да ја „спасат“ Македонија од најголемото зло „комуњарите“ и СДСМ“. Реворвер и нож, којзнае по кој пат, ќе бацеле само глас повеќе да добиле. Трчаат како изборите да се утре. Бараат се по нивно да биде. Ако не бива не прифаќаат. Исти се и во Парламентот и во комисиите. За инат, не за друго, не сакаат Јавно Обвинителство.Нивните судии си „тераат“ како ќе им рече ВМРО. Се одлагаат рочишта. Не се донесуваат одлуки. Никој од ајдуците во затвор не отиде. Додека ВМРО-ДПМНЕ веќе ја „слават“ победата сдсмовците се подготвуваат. Кон крајот на овој месец ќе тргнеле и тие од куќа во куќа, од човек на човек. И едните и другите ќе ги посетеле сите луѓе, оние што останаа, а нивниот број е се помал. Ќе ги слушнеле нивните маки, демек како да не ги знаат. И едните и другите како просјаци ќе оделе од куќа до куќа. Да чува Господ некаде да не се сретнат зашто може и главите да си ги скршат. Сдсмовците веруваат дека со сето она што го направиле народот ќе бил на нивна страна . Мислат дека ако ја внесоа Северна Македонија во НАТО, ако и ги обезбедија границите, ако и со „раце и со капа“ им дадоа пари, колку што сакаа, на лозарите, оризарите, јаболкарите, лекарите, наставниците и кои ли уште не, ја „свршија“ работата, се излагаа. Заборавија дека на вмровците и „душата“ да им ја дадат пак малку ќе им биде. Ќе бараат уште и пак ќе бидат незадоволни.Рака на срце малку подзаспаа. Дозволија ВМРО да го води орото. Им ја наместија аферата „Рекет“. Па кога им беше малку ја измислија „Рекет 2“, па „Рекет 3“, па аферите за вакцините, изградбата на штипската болница, па новиот клинички и многу други за последна, барем засега, да биде аферата со тендерот за хартија од Германија за изработка на нови лични карти,пасоши. Ама се што велат не биле точни. Сеедно. На народот и лаги во главата треба да му се става ако сакаат да победат. Во сите лаги „главни“ се премиерот Заев и првите луѓе на Владата и на СДСМ. Сето она, за што беа обвинети, за арамилакот, диктатурата, заробената држава, судството и што ли уште не упорно го премолчуваат. Ниту збор не изустија за сите злодела што ги направија. Нивните „гнасотии“ им ги префрлаат на Заев и Владата. Виновни за се биле тие, а не Груевски и ВМРО-ДПМНЕ.Знаат. Убаво знаат дека со „лага ага не бидува“. Но, многу убаво знаат и дека ако ги изгубат и овие избори ВМРО-ДПМНЕ ќе биде избришано засекогаш. На Мицко и тајфата нема друго да им остане, освен, како нивниот лидер, да си ги соберат „парталите“и засекогаш да побегнат од Македонија. Знаат дека нема полошо и посрамно својот народ да ти ја изрече казната и да те прогони!.
Стоилко Андреевски