ДУИ умешно и итромански се позиционира во предводник на социјалниот модернизам пред Албанците и заштитник на албанските интереси пред Македонците. Во пракса, самостоен, политички субјект рамноправен со СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ.
Хаотичноста и жестокоста на пресметките во албанскиот опозициски кампус не се исход и најава дека владејачкиот трон им е на дофат, туку се рефлексија на беспоштедната борба кој од три-четирите партии ќе изникне како најмоќна опозициска партија – до владејачката ДУИ. Скраја поплавата партиски кратенки и бомбастични петардни изјави, единствената промена е што за разлика од предходните циклуси кога ДПА беше неприкосновен чувар на опозицискиот јорган, сега за таа „чест” се борат Зијадин Села, Билал Касами, Африм Гаши и – се подразбира – самиот, Мендух Тачи. Дури и доколку доскоро постоеше теоретска шанса за некаква здружба на наведените да ја раздрма доминацијата на интегристите, веќе е речиси извесно дека и практичното коалицирање на наведените (плус СДСМ) нема да ја поразат партијата на Али Ахмети. Во меѓувреме, додека чекаме конкретен демант на овој заклучок, упатно е да се осврнеме кон причините кои доведоа до оваа состојба. Во која опозицијата успеа да од готовото направи вересија, а ДУИ ја направат уште посилна по сите удари кои не ја убија.
Фолклорен патриотизам
Како прво, Демократската унија за интеграција е денеска политичка партија на новосоздадената албанска средна класа составена од административната бирократија, микро-економска мрежа и политичка генеологија. Која за разлика од маалско-јаранските микро-космоси на групацијата АБА (Алијанса, Беса, Алтернатива) не се базира врз екслузивни локал-патриотски мангупи, туку на синдикалното поврзување на автономните локални политики и впрегнување во заедничка политичка и економска моќ. Во меѓувреме, групацијата АБА сеуште вегетира врз трошките од времето на Груевски и излитениот вокабулар на плачливост и фолклорен патриотизам, без осет за промените кои се имаат случено во меѓувреме и неспособност за внатрешно инклузивно фракционерство.
Како второ, Демократската унија за интеграција умешно и итромански се позиционира во предводник на социјалниот модернизам пред Албанците и заштитник на албанските интереси пред Македонците. Во пракса, тоа подразбира дека ДУИ е самостоен, самодоволен политички субјект рамноправен со СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ и со споделена единица мерка на зависност во воспоставениот естаблишментски триаголник. За разлика од групацијата АБА која – здружено или сепаратно – веќе не ни крие дека нивниот успех е детерминиран од изборот на СДСМ или ВМРО-ДПМНЕ. Со што оваа групација не само што однапред и несвесно ја признава сопствената дискутабилна самостојност, туку и го наметнува впечатокот дека тие се ексклузивно и апсолутно опозиција единствено на ДУИ, но не и на СДСМ и/или ВМРО-ДПМНЕ и нивните минато/сегашни политики. Впрочем, молкот на Села, Гаши, Касами кон позиционирањата на Мицкоски и скандалите на кабинетот на Заев само ја амплифицира гласноста на интегристите.
Како трето, Демократската унија за интеграција (како што најавувавме) веќе ја има надминато категоријата на етничка партија и отворено аспирира да биде претставена и прифатена како државотворна и државо-одбранбена партија според моделот на македонските владејачки партии. Ставот на Ахмети дека „Албанците не се дискриминирани” и дека предуслов за коалиционирање е спремноста да се прифатат Трите договора е двотактна демонстрација на внатрешно-политичката реформа и надворешно-политичка рефакторизација. За разлика од групацијата АБА која – дали поради игнорантност или понизност кон надежните спасители од СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ – сеуште нема ниту изградено ниту изнесено став околу новата политичка реалност во земјата и надворешно-политичките принципи врз кои би опстојувала во власта.
ДУИ повторно ќе профитира
Како четврто, благодарение на маалскиот менталитет на АБА и меракот на СДСМ за полициски, религиски и политикантски полтрони од албанскиот полусвет, ДУИ успева да се наметне како предвесник на етно-либералниот дискурс во албанското општество. И посебно кон урбаниот слој на Албанците кои не се убедени во понудата на албанската опозиција и се чувствуваат излажани од лажното граѓанство на Заев. И посебно неговите албански избраници кои во рок од неколку години успеааја да го превземат одиумот на јавноста кој до скоро беше резервиран за Груби, Меџити, Дураку итн. Се разбира, етно-либералниот дискурс е секако лажна претстава на ДУИ, но сепак поприфатлива од лажниот религиски морализам на Касами и Гаши, романтичниот нео-национализам на Села, комичното мангупство на Тачи и клиентелистичкото граѓанство на Заев.
Како петто, директната вплетканост на ДУИ во опстојувањето, креирањето или манипулацијата со секоја од четирите албански опозициски партии, како и директното децениско сведоштво за „граѓанските принципи” на СДСМ и квалитетот на „македонштината” на ВМРО-ДПМНЕ наведува на заклучок дека дури и доколку замине во опозиција, влијанието на ДУИ ќе биде не само осетно туку и често пресудно за политичките процеси. Овој факт допрва добива на битност во светло на претстојните дилеми кои ќе ја диктираат состојбата во македонскиот кампус и потребата на меѓународната заедница да во албанскиот кампус обезбедат каков-таков релативн мир преку политичка партија која има изнесено јасни ставови. Да, ДУИ повторно ќе профитира врз западната стабилократска миопичност. Но, за прв пат во овие дваесет години, вината за тоа лежи кај албанската опозиција и македонските партии и медиуми чија детинетост им ја обезбеди таа аура на неприкосновени стабилократи.
ДУИ не е виновна, иако е сосема реално соучесник во тековните смутови на Тачи и неговите егзибиционистички обиди за превенирање да Касами, Гаши и Села ја превземат од него улогата на најомилен опозиционер по мерка на Ахмети. Неговите тековни променади по Тв 21 се само апгрејдирани верзии на фамозните „смс пораки од Заев” во предвечерието на изборите 2016 и тогашното партнерство со Сашо Мијалков. За негова жал, во жарот на бивање што поубедлив пред од него заситената јавност, г. Тачи успеа да ефектно и убедливо им докаже и даде аргумент на Демократската партија на Албанците и ВМРО-ДПМНЕ зошто ДПА сепак не е доволно сериозна партија за членство во сојузот на Европски народни партии. И така, по кој знае кој пат, Мендух Тачи успеа да ја предибла севкупната медиумска јавност. И на крај повторно си забие гол во сопствената мрежа.
Арсим Зеколи за Дојче веле