Бесмислени и крајно злонамерни се лажните вести кои имаат единствена цел да креираат искривена слика за реалноста за да се постигне политичка предност. Од мерките за заштита на населението од ширењето на коронавирусот, на партиските сејачи на лаги и страв поважно им е да обезбедат валкан политички профит.

Запрепастувачки е како ни пандемијата на коронавирусот не може да ја сопре индустријата на лажни вести и политичкото профитерство. Напротив, заканата од вирусот стана уште едно валкано оружје за политичка пресметка со сеење страв и паника. Од првиот ден, ловците на валкан политички рејтинг покажаа криминална несовесност и нечовечност, па се втурнаа во продукција и објавување лажни вести и теории на заговорот.

Готвачите во агитпроп кујните со своите валкани и нескастрени канџи, ја замешаа својата отровна помија и побрзаа да ја искористат пандемијата за свои, партиски и изборни цели. Медиумските мегафони, познати од времето на режимот и по мега скандалот со милионските суми од Будимпешта виа Љубљана, без трошка одговорност, шират лаги за пандемијата и заканата врз здравјето на луѓето во земјава.

Нападите и ширењето лажни вести за работата на институциите и првите луѓе во нив се пуштени на најјако. А кога институциите се обидуваат да ја искористат законската можност за демантирање на лагите, во полза на јавниот интерес, тие одбиваат да ги објават демантите. Поточно, одбиваат да објават факти и информации за напорите за превенција од коронавирусот.

Добро познатите центри на моќта започнаа вистинска медиумска хајка против институциите, насочена кон министерот за здравство, но и против политичките ривали во изборната трка. Без да одвојат простор за информации за мерките што се преземаат, како и корисни информации и препораки за заштита од ширењето на вирусот, партиските кујни и нивните мегафони продолжија да газат по општествената одговорност што во вакви ситуации ја имаат медиумите, а особено политичките партии.

Неславната, крајно непрофесионална и опасна постапка на директорката на Клиниката за кожни болести, што целата јавност и институциите ја осудија, сега е оружје во рацете на агитпроп готвачите на партиските гласила. Меѓу лажните вести чии нозе се кратки, беа и оние дека лекарката била на свадба кај функционер од ривалската партија, дека присуствувала на партиски состаноци и дека ја заразила партијата.

Бесмислени и крајно злонамерни се лажните вести кои имаат единствена цел да креираат искривена слика за реалноста за да се постигне политичка предност. Од мерките за заштита на населението од ширењето на коронавирусот, на партиските сејачи на лаги и страв поважно им е да обезбедат валкан политички профит.

И да се занемари (иако не може) фактот дека е стекната на крајно нечесен и деструктивен начин, користа од ваквите напади е мала, а штетата е огромна и ја надминува изборната и политичката сфера. За ситен и краткотраен политички профит, јавноста се труе со лаги и се шири паника, а на јавноста ѝ се заматува претставата за сериозноста од заканата од вирусот.

Извор: Цивил Медиа