Партиските ветерани на ВМРО-ДПМНЕ деновиве се на иста линија со заколнатите политички противници на нивната партија. Тие се едногласни во ставот дека Мицкоски не е играч со кој се победува. „Да не му беше Грујо, тој не би стасал ни до резервна клупа, камоли до лидер на партијата. Него ни во маало не го гласаат!“ – ќе каже еден ветеран на ВМРО-ДПМНЕ револтирано.

Мицкоски не го прифати предизвикот од Заев да се судрат на изборен мегдан во Четворката. Се разбира, како и за низа други прашања, Мицкоски не го одби предизвикот директно, со јасно изјаснување дека не сака, не може, не смее или нешто слично. Посредно, тој од партиска говорница, се обидува јавноста и партиската војска да ги убеди во „аргументите“ за „шпицен кандидат“. Сепак, ова „шпиц“ алиби не му поминува во јавноста, а ни во расеаните партиски редови. Попрво, како што го коментираат на социјалните мрежи, ова е алиби за поразот за кој се подготвува себе си, партијата и јавноста.

Но, тоа не е крај на различните толкувања на одбивањето на Мицкоски да си ја измери популарноста и да извојува изборна победа на изборниот мегдан. Од Мицкоски се очекува да застане на чело на кандидатска листа, па нека тоа не е во Четворката, туку во било која изборна единица, каде што тој би се чувствувал посигурен. Особено ако неговите „математики“ не му дозволуваат да трча таму каде што Заев самоуверено го покани да ги измерат силите. И, за жал или за среќа, зависно од која страна се гледа, ниедно толкување не му оди во прилог на Мицкоски.

Одбивањето да се соочи со гласачите, многумина ја сфатија како страв и неспособност. Тие велат дека Мицкоски, едноставно, како и секогаш, сака други да ја трчаат изборната трка наместо него. И во право се. Ако се погледне наназад, Мицкоски, всушност, никогаш не се најде на кандидатска листа, освен кога беше единствениот кандидат за наследник на Никола Груевски, на конгресот во 2017 година, избор што голем број ветерани на ВМРО-ДПМНЕ го сметаат за наместен и нелегитимен. Немаме податоци за куќен совет, извиднички одред или избори за претседател, хигиеничар и благајник во училиште…

Мицкоски е политички готован и не е способен да се избори за пратенички мандат – коментира политичката чаршија. Никогаш не е добро раководител да биде доживеан како плашливец и готован, дури ни ако се работи за минимаркет, а камоли за најголемата политичка партија на опозицијата во земјата. На еден месец пред избори! Да биде политичката неволја на Мицкоски уште поголема, а со тоа и неволјата на партијата, ова се зборови на голем број негови сопартијци.

Очигледна е амбицијата на Мицкоски да биде премиер и воопшто не му значи дали таа позиција ќе ја освои (ако воопшто некогаш се случи тоа) без поддршка од неговата партија, а уште помалку од граѓаните. Според неговата „шпицеста“ логика, изборите треба да ги истрчаат други, па ако случајно победи партијата, тој ќе биде премиер. Ако партијата ги изгуби изборите, други ќе бидат виновни. Барем тие што „коски оставиле за партијата“ така шушкаат меѓу себе, но не им пречи ни вонпартиски „јабанџија“ да ги слушне нивните критики, па нека е тоа и некој што веднаш и ќе ги објави овие внатрепартиски негодувања.

Партиските ветерани на ВМРО-ДПМНЕ деновиве се на иста линија со заколнатите политички противници на нивната партија. Тие се едногласни во ставот дека Мицкоски не е играч со кој се победува. „Да не му беше Грујо, тој не би стасал ни до резервна клупа, камоли до лидер на партијата. Него ни во маало не го гласаат!“ – ќе каже еден ветеран на ВМРО-ДПМНЕ револтирано, додека нервозно нарачува уште една тура.

На сето тоа, Мицкоски има да каже само дека тој е „човек што не ги менува така лесно ставовите“ и нема намера да го смени ставот за „шпицен кандидат“. Трката за пратенички места ги смета за криење зад имунитетот на пратениците во парламентот, иако токму неговите партиски колешки и колеги се кријат зад тој имунитет веќе со години. Од тоа што Мицкоски го говори од партиската говорница, испаѓа дека излегувањето на отворен изборен мегдан не е чесно и честито. Тој за своите позиции вели дека се „морална вертикала и константа“.

По сѐ изгледа, тој е прилично осамен во своите морално-политички „вертикали и константи“. Тоа што од него го очекуваат партиската војска, а и јавноста, се јавни одговори и директна борба, гради в гради, со политичкиот противник.

Извор: Цивил Медиа