Човештвото мора да ги повтори лекциите кои ги има заборавено. Случајот на директорката со „короната“ и појавата на SARS CoV-2 општо низ светот се најсоодветни примери за тоа.

Создавањето митови и култови за луѓето според нивната функција/позиција во општеството во одредени категории создава синдром наречен „комплекс на Бог“, односно патолошко нарцисоидно пореметување на личноста. Притоа, кај нив се развива мислење дека се недопирливи од опкружувањето и тоа со кое се соочуваат околу нив. Дополнително, тука се вметнува и големата самобендисаност и ароганција, кои доведуваат до отуѓување од останатите, поради чувството на супериорност. Тоа го зголемува нивото на немање емпатија (сочувствителност и грижа) за другите луѓе околу.
Денес, во дигиталната ера, луѓето стануваат понарцисоидни за да се здобијат со поголема самопочит (пократок пат кон целта) и тоа им помага во борбата со себе и со општеството кое ги оттурнува од себе. И нивната борба е тешка. Таквата борба треба да се поддржи, за секој да се чувствува како човек, како дел од целото. Таквата нарцисоидност би била во правец на здрав нарцисоизам, но, проблемот се јавува кога околината тоа го воспева или го става на пиедестал во комбинација со одредена позиција на моќ, како што често се случува со политичарите, бизнисмените, лекарите, јавните фаци, уметниците… па може да доведе до развој на нарцисоизам чии комбинации на темпераментот и предиспозициите со влијанието од околината може да бидат погубни за општеството.

Системот во една држава потфрла, кога не постои одговорност за прекршувањето на правилата за кои се договориле граѓаните на таа држава. Заедницата е таа која како што се развива, така го развива и системот. Тој не треба да биде закоравен и против тоа колективот треба да се бори. Но, истовремено, воспоставувањето практика на неказнивност поради немањето одговорност кон договореното е погубно за целата заедница. Потфрлањето во една од сферите на системот, се пресликува во втор, па во трета и се’ до крахот на тој систем. Така, многу системи досега пропаднале, поради нефункционалноста при справување со злоупотребата и неодговорноста.
Денес, глобалната заедница полесно се бори со пандемични закани, како т.н. „коронавирус“, поради постоењето на интернетот, кој со молскавична брзина споделува информации од Вухан преку Ломбардија до Дебар. Но, токму поради потфрлањата и злоупотребите и нерегулираноста до крај на системот во глобална смисла, се соочуваме и со лажирање на информациите и вестите, но и нивна злоупотреба при политизација, сензационализам, консумеризам и капитализам. И таквите треба да бидат санкционирани. И таквите треба да одговараат. Исто како што треба да одговараат и тие кои поради своето чувство на супериорност, ставиле во карантин луѓе, чии животи ги загрозиле, наместо да ги заштитат.
Здравјето на еден човек е здравјето на колективот. Еден е нултиот пациент. Еден во Вухан заболе од „короната“. Таму, во некоја провинција на Кина, за која ама баш ништо не’ не интересира, оти не ни е во сопствениот двор. Светот знае дека ќе има следна пандемија. Само не знае ни кога – ни од каде би почнала.

Светот отсекогаш бил една заедница. Еден двор. „Короната“ токму на тоа не’ потсетува. Дека во таа заедница сограѓанин ни е и првиот заболен во Вухан, колку што ни се и сите на планетата Земја. Но, светот во текот на историјата се поделил на нации, преку држави, чии системи денеска се однесуваат како бизнис-корпорации. Во таков сме го развиле. Тоа ние сме го направиле. Па така, секој од нас е граѓанин на светот, кој не по свој избор, првенствено е корисник на услугите на една држава на која ѝ плаќа за да му овозможува услуги, за кои се договориле членовите на таа заедница, претставена низ призмата на држава, со свој начин на управување. Во таа држава, кога ќе се изврши злоупотреба од која било форма, кон која и да е услуга за граѓанинот, доколку тоа не биде казнето, ќе почне процес од долги години низ кој тоа станува практика.
Случајот со докторката е токму тоа. Случајот со Катица е токму тоа. Случајот со Бојан е токму тоа. Случаите со еден куп политичари кај нас се токму тоа. Случаи на „комплекси на Бог“ кои чувствуваат супериорност и недопирливост и кои се пресликуваат во други луѓе, се’ додека не станат одлика на општеството, кое како колектив, како група, почнува да се однесува кон таквите случаи како кон секојдневие, а потоа и ги прифаќа како практика на преживување. И тоа во колективната меморија – таа на заедницата, преку генерациите кои растат со неа станува новото нормално.

Сето ова, доведува до отуѓување на едни од други, при што се доведуваме до ситуација на заборавањето на фактот дека едно општество е толку сиромашно – колку што е и неговиот најсиромашен граѓанин. Дека едно општество е толку корумпирано – колку што е и неговиот најкорумпиран граѓанин. Дека една заедница е болна – колку и нејзиниот најболен човек. И редејќи ги така појавите, доаѓаме до моментот на тоа дека едно општество има колективна свест – колку што има и неговиот најнесамосвесен граѓанин. Самосвесен, а колективен? Да. Баш така. Да се биде самосвесен, значи да се биде свесен за своето значење во еден колектив. Да се биде самосвесен, значи да се биде свесен за другите околу тебе. Да се биде самосвесен не значи да се игнорираат правилата на заедницата, туку да се применуваат. Ваквата самосвесност се гради од првиот здив на новородениот земјанин.

Колективната свест е самосвеста на секој еден од нас. Грижејќи се за себе, се грижиме и за другите. Пола мене – пола тебе не е флоскула. Тоа е балансот на Природата. На битието. На заедницата.

Короната не’ не убива. Тоа го правиме ние луѓето. Затоа што самосвеста на докторката е рамна на самосвеста на првиот заболен во Вухан на пазарот за живи животни.

Огнен Јанески