Се чини дека шансите на Заев политички да го преживее своето, веќе прочуено, недоквакано интервју за БГНЕС нагло пораснаа, откако на теренот на домашната политичка сцена истрча најдобрата петорка во дресот на неговите доживотно огорчени непријатели.

Во центарот на овој ол-стар тим е жизнорадосно разрипаниот Мицкоски, кому среќата неочекувано му се насмева во критичен момент за неговата проблематизирана политичка кариера. На крилните позиции за пробиви и крадење топки (а и мрежички од обрачите) се прославените сениори, аболиционистот Иванов и свежо смрзнатиот Црвенковски. Во улога на плејмејкер им е тешко подвижниот и позајмен од бугарската лига Каракачанов. А крилниот бек, кој е задолжен за чување на противничката периферија, е сè уште анонимен, но брзо ќе се објави и ќе биде хит-трансфер од редовите на самото СДСМ, како изненадувачки пик на сезоната.

Не е многу за изненадување што оваа политичка селекција со години ја тренира и финансира, а ја снабдува и со разновидна „спортска опрема“, сетики еден ист клупски поддржувач, во улога на македонски бизнис-Хичкок (памтите: неговиот лик неизбежно се појавува во речиси сите поголеми бизнис-скандали во Македонија наназад неколку децении, како што Хичкок цел живот се шеташе пред камерите во своите филмови), со својата ергела на куртизани, скапо платени пропагандисти и разни асистенти од македонското подземје. Тој и во плеј-офот на претходната сезона осмисли и финансираше еден бугарско-македонски тим за рушење на Заев, ама во судиските продолженија на финалето не издржа пред налетот на разиграните македонски евро-атлантски репрезентативци и загуби пред да стигне да го подигне победничкиот трофеј во тој меч.

Целата колумна на Сашо Орданоски за Цивил Медиа на следниот ЛИНК.