Замислете да беше и Унгарија во тие 33 ризични земји, ќе мораше сите партиски лидери по нивната историска средба, кога не ја ни спомнаа можноста за одлагање на изборите, да бидат најмалку 14 дена во самоизолација

Дали можете да претпоставите колку ми олесна кога видов дека во списокот на ризични земји нападнати од  коронавирусот ја нема Унгарија и ја нема Будимпешта. Се извадив од памет кога прочитав дека и премиерот Орбан се ставил во самоизолација. За среќа, тоа не е нашиот пријател  Орбан, туку Лудовик Орбан, премиерот на Романија. Замислете да беше и Унгарија во тие 33 земји ќе мораше сите партиски лидери по нивната историска средба, кога не ја ни спомнаа можноста за одлагање на изборите, толку многу ги болело за нашето здравје,  да  бидат најмалку 14 дена во самоизолација. Што ќе правевме кутри ние без нив цели две недели да не ни велегуваат во домовите, компјутерите, мобилките, во автомобилите, на билбордите, на пазарите, во кафаните и кафулињата.

За жал, опасноста сѐ уште не е надмината бидејќи бројот на ризични земји постојано се зголемува и не дај боже ако Унгарија се најде на тие списоци  додека не поминат уште десетина дена критичен период во кој  Христијан Мицкоски и Александар Николоски, по посетата на Будимпешта, можат да го стават во карантин целиот политички врв на Македонија. Која несреќа би нѐ снашла во тој случај, ако се има предвид со кого сѐ комуницираат партиските лидери. Ќе онеме цела Македонија. Ќе дојде до неподнослива тишина. Некои мислат дека тоа би била најдобрата работа што може да ни се случи и единствен начин да се одложат изборите додека не се потврди дека нашата политичка елита е негативна, што само  во медицината се смета за добар резултат дека не си заразен. Негативен, значи дека си здрав ама само за тој што го тестираат. Ако имаш проблеми со мозокот, или со било кој друг орган,  за тоа треба друг тест.

Шегата на страна, иако има  реална опасност и за нашите партиски  лидери кои не се имуни на вирусот  Ковид-19, Грујо-11, Орбан-15….  Од нив освен загриженост на зборови не слушнавме како мислат да организираат избори и како стотици илјади луѓе од утро до мрак ќе одат на гласачки места да чекаат на ред, да си дишат во врат, да гласаат со исто пенкало и уште милион опасни блиски средби кои можат да ја заразат целата земја. Господа партиски  лидери, вие сте навистина за во карантин за подолг престој под надзор за да ја ослободите земјата од уште поопасниот вирус од овој што го нападна светот. Необрнувајќи внимание за здравјето на граѓаните и на државата нѐ тешат со тоа дека ќе нема предизборни митинзи и јавни собири организирани од партиите, ама „спонтаните собири и протести“ ќе останат демократско право и покрај забраната. Кампањата ќе се преселела на социјалните мрежи, порталите и телевизиите, билбордите и од врата на врата.

Целата колумна на Ерол Ризаов за Независен весник на следниов ЛИНК.