„Крвава бајка“, на поетесата Десанка Максимовиќ за малку повторно ќе беше испишана на брдовитиот Балкан. Сега во македонското Собрание. А окупаторот – не се Германците. А убиените ќе беа луѓе, родени во различни години, но водени од исти идеали. Луѓе кои 55 минути пред тој час, седеа во собраниските клупи и редакциите, прашувајќи се кога во земјата ќе се врати, мирот, правдата, демократијата и слободата.
Неколку дена подоцна – по неколку непроспиени ноќи, поради тоа што секое затворање на очите ми се појавуваат слики од раскрвавени глави и кошули обоени со вистинска крв, читам дека дел од насилниците биле повеќекратни убијци. Одлежале затвор дури и за убиство на четиригодишни деца. Нам, на луѓето кои вечерта директно се соочивме со нив, тоа ни беше веднаш јасно. Монструозни погледи, проследени со уште помонструозните крици само го потврдуваа нивниот нагон за убиство додека фрлаа со шипки и се што попатно собраа.
Македонското Собрание – буквално ја отсликуваше државата. Паралелен свет. Додека во една сала многумина се борат за живот, нападнати од „монструми“, во соседната сала, истите тие, претходно се веселеа и им бакнуваа раце на министри и пратеници од ВМРО-ДПМНЕ.
Но, како почна македонската „Крвава бајка“, која за среќа немаше трагичен крај?
Беше јасно дека прес-конференцијата на Заев и Џафери нема заврши вообичано со барање одговори на прашањата кој, кога, како, што и зошто, бидејќи само што тие почнаа да зборуваат, демонстрантите влегуваа во Собранието. Стравот од неизвесноста беше очигледен кај сите. Освен кај Заев, кој без двоумење застана прв пред вратата. Сепак, додека се обидував сето тоа да го пренесам во живо, преку фесјбук профилот, залепена до зид, а телефонот вклучен во штекер, оти беше јасно дека батеријата нема да го издржи денот, се надевав дека полицијата нема да дозволи да влезат внатре. Лажна надеж. Насилниците, сепак влегоа. Прв на удар беше Заев, а потоа и сите останите кои ги затекнаа внатре. Пратеникот Бочварски, кој до тогаш стоеше пред мене во обид да ме заштити, го изгубив во хаосот. Продолжив да пренесувам директно на фејсбук, додека низ собраниската сала се обидувам да ги избегам клупите, шипките и даските кои летаа наоколу.
А полиција сеуште немаше….
Стигнав до собраниското бифе, каде во затемнета просторија седеа неколумина колеги. Се сетив дека моето семејство е потресено. Морав да им се јавам и да ги смирам. Лажејќи ги, им велев: „Добро сум, на безбедно, немам батерија, ќе се јавам пак“. Истото им го повторував и во следните неколку часа додека животите ни висеа на конец, а наоколу се слушаа гласови „Убиј го“, се слушаа истрели од куршуми и димни бомби, додека се гушевме во чад. А всушност се прашував, дали воопшто ќе преживееме?
Целото сведоштво на новинарката Наташа Стојановска за Фактор на следниот ЛИНК