Дел од колумната на Сашо Орданоски за Цивил Медиа:
Не е фер, целава приказна со „Медена земја“ тотално нè растури! Уште една врвна награда викендов!? Страшно! Македонија, апсолутно, не е подготвена за ваков голем успех, а добрите вести никако да застанат!
Ние сме, обично, навикнати на уцвиленост, сè нешто да се браниме од сите, најкомотно се чувствуваме меѓу Табановци и Богородица, а светот околу нас го доживуваме повеќе како закана, отколку како шанса… „Наведната глава…“ и така натаму.
А, овие со филмов кога нè запукаа, глава не знаеме кај ни е! Директен напад врз нашиот мал, провинцијален менталитет, во кој така комотно се препелкаме кога меѓусебно се глодаме, си завидуваме и си подметнуваме, во нашата мала, балканска, зачадена кафеана.
Но, феноменално успешнава филмска навреда не доаѓа само како еден „обичен“ атак врз нашата уметничка позиција во светот, туку е и на едно „повисоко“, поапстрактно идентитетско ниво: не може да е случајно што филмската екипа е толку етнички мешана, како некој намерно да сакал Македонија да ја обезличи! Срамота – иако требаше да ни биде јасно дека сè е отидено у мајчину уште кога ја видовме таа рурална, заостаната, егзотична слика за Македонија која на светот му се гледа спектакуларно привлечна…
Не, за ова мора да има одговорност! За почеток, предлагам Пописот да се одложи на неодредени 30 години од сега, додека сите детали за оваа национална брука не се расчистат.
Шега на страна, приказната за „Медена земја“ е поучна во многу општествени, па и политички димензии.
Целата колумна на следниот линк.