Наместо 500 до 3.000 евра плаќање кеш, се дозволува со измените на Законот за спречување перење пари и финансирање тероризам. Измените беа усвоени по скратена постапка на собраниската седница одржана на 27 декември, а се по иницијатива на група пратеници.

Во образложението на групата пратеници подносители на измените се вели дека постојната регулатива ги ограничува граѓаните и им создава дополнителни обврски.

„Утврдената одредба, во периодот од нејзината примена од 1 јуни 2019 година до денес, предизвика ограничувања за голем број на граѓани кои согласно со своите потреби, правото за плаќања во готовина за стоки и услуги за износ поголем од 500 евра во денарска противвредност не можат да го искористат заради ограничувачката одредба, која наметнува дополнителини обврски за граѓаните. Поради ограничувачкиот законски износ, во многу секојдневни ситуации со кои се судираат граѓаните потребна е предметната измена на Законот и нејзино усогласување со правните прописи за вршење на готовински плаќања со земјите од Европската Унија како што се Белгија, Италија, Унгарија, Чешка, Полска, Латвија, Словенија и други“, се вели во образложението на пратениците.

Измените на Законот ќе стапат на сила со објавувањето во Службеник весник.