Претседателот на СДСМ Зоран Заев и генералниот секретар Љупчо Николовски денеска извршија увид во градежни работи на браната Конско, Гевгелија.

Заев оттаму им се обрати на земјоделците од гевгелиско – валандовскиот крај.

3

„Браната во изградба Конско претставува најкрупен капитален проект што се гради во овој регион во изминативе 50 години. Точно пред 2 години Владата предводена од СДСМ ја започна реализацијата на овој крупен инфраструктурен проект.Она што е важно е дека изградбата на овој крупен капитален проект продолжи да се гради интензивно според сите безбедносни протоколи за заштита и во вонредни услови предизвикани од пандемијата со коронавирусот.“ – порача Заев.

Тој рече дека нови 8.000 хектари земјоделска површина ќе бидат наводнувани од оваа брана штом се финализира изградбата.

„Земјоделците од овој крај ќе добијат навремено и ефикасно снабдување со вода во текот на производствената сезона со што ќе се намалат нивните производствени трошоци, а нашата земја ќе добие зголемување на производството и на конкурентноста на земјоделски производи од овој крај.“ – рече Заев потсетувајќи дека градат крупни капитални проекти за да ни се развиваат селата, да ни се чисти реките што ги напојуваат земјоделските површини и да оставиме вредни и значајни капитални проекти за идните генерации.

2

„Ја користам оваа прилика да ги охрабрам македонските земјоделци, вредно и посветено како и до сега, со многу труд и љубов да продолжат да ја обработуваат македонската плодна земја и да произведуваат здрава и вкусна храна. “ – истакна Заев.

Тој рече дека Владата предводена од СДСМ и досега и после големата победа на 15 јули ќе продолжи да го развива земјоделството и ќе овозможи силна поддршка за земјоделците.