За време на собраниската седница за пратенички прашања на 27 октомври, пратеничката на ВМРО-ДПМНЕ, поранешна неуспешна кандидатка за претседателската функција, проф. Гордана Силјановска-Давкова, постави прашања во врска со образованието. Таа, во своето излагање, освен што прилично „академски“ му се развика на премиерот Ковачевски, велејќи му дека „тресе глупости“ и да молчи, изнесе и една констатација која најмалку можеше да се очекува од неа.
Пратеничката Силјановска-Давкова рече дека во универзитетите владее „опасна фамилијаризација, да не речам непотизам“.

„Ќе се согласите дека фамилијарните односи не се добар амбиент за натпревар“ – рече таа и го цитираше Законот за високо образование според кој е забранет непотизмот.

Ваков настап и став најмалку можеше да се очекува од универзитетската професорка која држи неколку предмети на Правниот факултет и која силно ја протежира токму шефот на ВМРО-ДПМНЕ, самиот универзитетски професор, син на универзитетски професор од истиот факултет (Машински). Таа стана претседателска кандидатка, а сега е меѓу најблиските советници на вмровскиот шеф. Овој нејзин настап од собраниската говорница му доаѓа нешто како ладен туш или… Каменот од блиску доаѓа, како што слушнавме во разговорот меѓу Бате Саше и Муса Џафери во 2015 година.

Да видиме како на овој „камен“ ќе реагира Мицкоски. Некои велат дека ќе ѝ забранат да поставува прашања во иднина, да не тресне уште некого. Од блиску.

Џабир Дерала за Фронтлајн