Премиерот Димитар Ковачевски и министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Љупчо Николовски заедно со градоначалникот на Општина Центар Горан Герасимовски и директорот на Платежна агенција Никица Бачовски ги посетија учениците во Основното училиште „Ј.Х.Песталоци“ и поделија домашни македонски јаболка, за секој ученик во рамки на проектот „Здрава ужинка за секој ученик“, кој го спроведува Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство. Во ОУ „Ј.Х. Песталоци“, поделени се 3.248 килограми јаболко, по 4 килограми за секој ученик.
На терен по основните училишта во тек е дистрибуцијата на домашни македонски јаболка, наменети за учениците, како здрава ужинка за нив. Во општините Струга, Битола, Охрид и Прилеп 50% веќе се поделени, а денес се делат и во Кочани, Куманово, Маврово и Ростуше.
Во текот на вчерашниот ден дистрибуцијата беше направена во основните училишта низ Општина Центар и Шуто Оризари, а денес и овие денови продолжува и низ другите општини во градот Скопје, но и другите општини низ државата.

Преку оваа програма се врши откуп на повеќе од 743.000 килограми наши домашни јаболка и согласно динамиката до 15-ти декември се очекува успешно да заврши целата дистрибуција до секое основно училиште, до секој еден ученик.

Со реализација на програмата се помага откупот на домашните земјоделски производи кои се насочуваат правилно, како здрава ужинка кон дечиња во основните училишта.
Крајна цел е оваа програма да се прошири, и откупените домашни земјоделски производи да може покрај во основните училишта да се дистрибуираат и до здравствените објекти, детските градинки, како и до припадниците на безбедносните сили, полицијата и армијата.








































