Борбата со пандемијата е борба за секој човечки живот, таа е непроценлива и бесконечна, исто како што е Македонија бесконечност. Во политиката пак, морате да бидете подготвен на критика, понекогаш аргументирана и прецизна, но понекогаш дифузна и тенденциозна, напиша на Фејсбук лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски во анализа на тековната економска состојба.
„Осуден однапред што можеби овој пост нема да биде во насока дека блескаме во економијата и резултатите се за поклонување, сепак чувствувам огромна одговорност една кратка анализа да споделам со македонските граѓани и ќе оставам самите да одговорат на прашањето: Дали Зоран Заев и СДСМ намерно ја втурнаа македонската економија и граѓани во апокалиптично сценарио водејќи се исклучително од личните и партиските интереси и манифестираа огромно незнаење или е нешто друго во прашање? … А се започна на 26 декември 2019 година кога тогашниот сеуште премиер во занес, во парламентот ќе изјави дека економијата блеска, а резултатите биле за поклонување.
Истиот овој наратив понатаму ќе го продолжат уште неколкумина јуришници од СДСМ во владата, Оливер Спасовски, Мила Царовска, Нина Ангелевска итн…, и се до 21 март оваа година, сите овие заедно со Зоран Заев ќе не убедуваат дека буџетот е ликвиден и дека економијата блеска, а резултатите биле за поклонување и покрај тоа што нема раст на БДП од 5% или на пример просек плата од 500 евра, странски и домашни инвестиции, загарантиран откуп за земјоделците, 500км автопатишта итн…
Но каква е реалноста и какви се бројките, тие самите ќе дадат одговор на прашањето, имено буџетскиот дефицит во првите два месеци од 2020 година изнесува речиси 25% од вкупниот кој е предвиден за цела 2020 годинаили за 63% повеќе од тој во 2019 година кога бил 15,2% (слика 1)., а само во февруари месец тој бил повеќе од 3 милијарди денари (Извор: МФ, Извештај за реализација на буџет заклучно со месец февруари 2020).
Извозот бележи опаѓање за повеќе од 10 милиони евра, а истовремено увозот бележи зголемување за повеќе од 40 милиони евра (слика 3).

Опиени со власт, надмено создавајќи ограда околу себе владата и надлежните за економските политики овие предупредувања не успеале да ги забележат, туку сосема спротивно одлучија да не убедуваат длабоко во месец март дека блескаме и дека буџетот е ликвиден. Многу прашања ќе останат сега за сега неодговорени, а ВМРО-ДПМНЕ како државотворна партија подаде рака, на време предупреди и понуди решенија. За одговорите на прашањата ќе оставиме да помине пандемијата и ќе ги одговараме едно по едно, тоа што ја одбивте подадената рака и не прифативте ниту едно од понудените решенија доволно говори на личниот капацитет и за тоа кој за што се залага и бори.
Тоа нема да не демотивира, напротив, дополнително не мотивира и така мотивирани ќе продолжиме да иновираме, креираме и бараме решенија за ова што допрва не чека, а тоа е нашата борба против пандемијата, негативните ефекти од пандемијата и борбата за македонските граѓани и Македонија, таа борба реков на почеток е бесконечност. Ние со нашиот сон за бесконечната Македонија, а вие со вашата надменост, неспособност и отсуство од реалноста….Борбата продолжува, затоа што секој живот вреди и затоа што ја сакаме Македонија“, истакна Мицкоски.








































