Откако во текот на минатата недела бројот на потврдени случаи на луѓе заболени од Ковид-19 во повеќе земји од светот продолжи вртоглаво да расте, на интернет се појави видео кое преку ноќ стана вирално. Целта на видеото е да се прикаже важноста на социјалното дистанцирање, а за полесна демонстрација употребени се стапици за глувци и пинг понг топчиња. Видеото покажува што би можело да се случи доколку само една личност не се придржува до препораките за социјално дистанцирање.

Во видео-клипот кој трае само 30 секунди е прикажана површина на која густо се наредени 1 000 стапици за глувци, а врз секоја од стапиците е поставено пинг понг топче. Што мислите што ќе се случи доколку на површината на која се наредени стапиците фрлиме едно обично пинг понг топче? Нормално, штом топчето ќе активира само една стапица, бројот на активирани стапици неконтролирано се мултиплицира и се создава верижна реакција која е невозможно да се прекине.

Колку за споредба, во вториот дел од видеото повторно е фрлено пинг понг топче на површината, меѓутоа овојпат стапиците се разретчени, а со тоа топчето се одбива во просторот помеѓу нив, меѓутоа не ги активира стапиците. Значи, пораката е повеќе од јасна: Запрете го ширењето на вирусот, социјалното дистанцирање е лекот!