Со „Скопската иницијатива“ и платформата „Твоја држава, твоја шанса“ СДСМ започнува нова етапа на политичко дејствување, изјави Богданка Кузеска, портпаролка и членка на Извршниот одбор на СДСМ.

„Етапа заснована на вредностите на социјалдемократијата, борбата за подобар животен стандард, борба против корупцијата и за европска иднина за Македонија. Програмската платформа „Твоја држава, твоја шанса“ во конечната форма е јавно достапна и објавена. Тоа е визијата на СДСМ за модерна, праведна и европска држава во која институциите работат за граѓаните, трудот е вреднуван, а младите имаат причина да останат и да ја градат својата иднина дома“, рече Кузеска.

СДСМ смета дека најголемиот предизвик за младите денес не е само економската несигурност, туку чувството дека системот не е праведен. Токму затоа, вели Кузеска, централно место во платформата има борбата против корупцијата и воспоставувањето систем во кој институциите функционираат без политичко влијание, а законот важи еднакво за сите.

„Нов антикорупциски закон, темелен ветинг на сите избрани и именувани функционери, целосна проверка на потеклото на имотот, нови институциите за борба против корупцијата, дигитализација на услугите и воспоставување механизми што ќе спречат партизација и злоупотреба“, појасни Кузеска.

Таа додаде дека платформата нуди решенија за економските предизвици со кои се соочуваат граѓаните: поголеми плати и пензии, заштита на работничките права, фер и правично оданочување, поддршка на домашното производство, подобра социјална заштита, образование, поддршка на земјоделците.

Преку „Скопската иницијатива“, вели Кузеска, СДСМ ја потврди својата улога како обединувачки фактор на поширокото прогресивно движење во регионот и Европа, кое се спротивставува на корупцијата, авторитарноста и антиевропските политики.

„Европа не е апстрактна политичка цел, туку подобар живот дома, повисоки плати, владеење на правото и повеќе шанси за секој човек. Македонија не смее да остане заглавена во национализам, популизам и политички манипулации кои ја оддалечуваат од европската иднина. Наместо поделби, СДСМ нуди визија за обединување околу државните интереси, економски развој и европски вредности преку поширок Фронт за вистина и правда. Фронтот за вистина и правда не е партиски проект туку широко надпартиско – општествено движење отворено за сите граѓани, организации, интелектуалци, професионалци, синдикати и општествени чинители“, рече Кузеска.