Наградните игри на социјалните мрежи и другите платформи од 14 јули ќе бидат под посебни правила. Со примената на новиот Закон за игри на среќа и забавни игри, за првпат се воведува законска рамка за организирање на таканаречените giveaway активности, со задолжителни дозволи, јавно објавување на правилата и транспарентно прикажување на резултатите.

Според новото законско решение, секој што ќе организира giveaway ќе мора претходно да добие дозвола од Министерството за финансии. Барањето за дозвола ќе треба да се достави најдоцна 30 дена пред планираниот почеток на играта.

Организаторите ќе имаат обврска да достават документација за регистрација, потеклото на наградите, финансиската состојба, како и доказ за платен надоместок за поднесување на барањето во висина од 100 евра во денарска противвредност. За правните лица ќе се бара и дополнителна документација поврзана со нивната законска подобност за организирање вакви игри.

Новина е и обврската за плаќање надоместок за приредување на giveaway, кој ќе изнесува 18 проценти од вкупната вредност на наградниот фонд. Надоместокот ќе треба да се плати пред почетокот на играта, во рок од три дена од добивањето на дозволата, а доколку не биде уплатен навреме, дозволата ќе биде одземена.

Со новите правила се воведува и поголема транспарентност за учесниците. Организаторите ќе мора јавно да ги објават правилата пред започнување на играта, а имињата на добитниците најдоцна три дена по извлекувањето или утврдувањето на наградите.

Наградите ќе мора да бидат доделени во рокот предвиден со правилата, кој не смее да биде подолг од 60 дена од објавувањето на резултатите.

Законот детално ја утврдува и содржината на правилата на играта. Тие ќе треба да содржат информации за организаторот, производите или услугите што се промовираат, условите за учество, времетраењето, начинот на избор на добитници, вредноста на наградите, постапката за приговор, како и забрана за учество на вработени кај организаторот и членови на нивните потесни семејства.

Според новата регулатива, една giveaway игра нема да смее да трае подолго од една година.

Со законот за првпат се дефинира и самиот поим giveaway – игра на среќа во која учеството се остварува преку активности како лајкување, тагнување, споделување или објавување содржини, а се организира со цел промоција на производи или услуги преку интернет, мобилни уреди или други платформи.

Новите правила треба да обезбедат поголема контрола врз наградните игри, но и поголема заштита на граѓаните кои учествуваат во нив, преку јасно утврдени услови и обврски за организаторите.