Градоначалникот на Куманово на Фејсбук објави дека вчера тој и неговото семејство се тестирале во повеќе релевантни лаборатории при што резултатите се негативни на ковид-19.

Градоначалникот на Куманово Максим Димитриевски вечерва на својот Фејсбук профил објави дека вчерашните тестови кои ги направиле тој и неговото семејство во неколку, како што вели, релевантни лаборатории во државата, и воедно претходно и тестирање од страна на Центарот за јавно здравје во Куманово се негативни.

Тој рече дека побарал од надлежните институции да ги разгледа резултатите од тестирарања и да се побара укинување на самоизолацијата во која се тој и неговото семејство од 16 април кога самиот на Фејсбук објави дека е позитивен на коронавирус.

„Денеска од епидемиолошката служба при ЦЈЗ Куманово побарав да ги разгледа резултатите од тестирањата, по потреба да го повтори тестирањето и под ИТНО да достават барање за укинување на решенијата за самоизолација за мене и членовите на моето семејство и сите мои контакти посочени во епидемиолошка анкета. Се надевам дека моето барање ќе биде итно разгледано и реализирано во рамки на процедурите бидејќи покрај негативните тестови здравствената состојба на мене и семејството е добра и не постојат никакви симптоми ниту показатели на инфекција од ковид 19 со цел да се вратам на секојдневните работни обврски и заедно со мојот тим во ОШЗС да продолжам со борбата против епидемијата во нашиот град и државата“, напиша Димитриевски на Фејсбук.

Тој воедно како што вели ги отфрла сите обвинувања околу тоа дека наводно бил позитивен на ковид-19.

„Анатемата мора да се тргне. Посакувам брзо закрепнување на сите мои граѓани кои во моментов се борат со болеста а на сите останати да ги почитуваме мерките и да држиме социјална дистанца“напиша Димитриевски на Фејсбук.

Откако Димитриевски објави дека е позитивен на коронавирус, во самоизолација се наоѓаат премиерот Оливер Спасовски, вицепремиерот Бујар Османи и министерот за здравство Венко Филипче и министерот за образование Арбер Адеми, кои беа на седница на тамошниот општински кризен штаб.