Во наредните месеци треба да очекуваме битни настани за проширувањето. На почетокот на јуни Европската комисија ќе ја објави предлог-преговарачката рамка за почеток на преговорите со нашата земја, како и редовниот годишен извештај во кој ќе го коментира напредокот на Северна Македонија во сите сегменти, вели во интервју за МИА Бојан Маричиќ, национален координатор за интеграција во ЕУ и главен преговарач за технички прашања.

-За нас е најважно ние да бидеме ефикасни и доследни во спроведувањето на европските правила дома, а тоа се прави со силна политичка волја и со неуморна работа на нашата администрација. Ако сме посветени и ефикасни ќе го скратиме траењето на преговорите. Во просек потребни се 5-6 години за завршување на преговорите, но тоа зависи од посветеноста на државата кандидатка и од апетитот на државите членки на Унијата за прием на нови членки. Србија и Црна Гора преговараат веќе повеќе од седум години, а Хрватска ги заврши преговорите за шест и пол години, вели Маричиќ, додавајќи:

-За нас е најбитно да бидеме во план за првото наредно проширување кога и тоа да биде. Ако си ја завршиме работата на време и ЕУ го исполни својот дел од работата реално е крајот на оваа декада да го дочекаме како држава членка на ЕУ.

На прашањето „Дали и конечно С.Македонија како членка на ЕУ ќе може да ги применува европските стандарди, а не само да биде имплементирано на хартија? Каде сме најслаби, каде треба уште да работиме?“ Маричиќ вели:

– Северна Македонија како држава членка на ЕУ ќе биде обврзана да ги применува европските стандарди секојдневно и конкретно. Системот на ЕУ предвидува строги механизми за обезбедување на нивната имплементација. Нам секако ќе ни требаа сериозна финансиска поддршка и институционална помош за успешно спроведување на европските правила, а механизмите на ЕУ токму тоа го овозможуваат.

Поглавјата животна средина и земјоделие се скапи и бараат многу напор, но и се крајно важни за функционалноста на економијата. Поглавјата поврзани со правосудството темелните права и правдата се исто така отворени во текот на целите преговори како и финансиската контрола, јавните набавки и фискалната политика. Сите овие теми ќе бараат многу внимание од нас, но нашите институции се подготвени да одговорат на сите предизвици и брзо и ефикасно да ги спроведат преговорите.