

– Зошто некој вештачки би наместил?
Е па, не знам. Сѐ е за пари правење“, вели земјоделката Трајанка Митковска.

– Не ве загрижуваат статистиките, еве, починати, заразени?
Не, не, бидејќи лани во нашето село 13 луѓе за еден месец умреа. Ниту имаше корона ниту ништо, на кој како му дојде, така си умре“, коментира земјоделката Стојна Јакимовска.
Овие земјоделци не се осамени во ставовите. Иванковци има осумстотини жители. Овде, и покрај епидемијата, се чини, секојдневието воопшто не е променето, иако главна тема на муабет во селото, сепак, е коронавирусот.
На камионџијата Влатко му годи дружбата со соселаните откако по враќањето од странство, како што вели, попусто морал да помине 14 дена дома во самоизолација.

– А не мислите дека треба да се заштитите, сепак, некако?
Па, треба. Сега, како што гледаш, еден од друг, сите се плашат.
– Е па, ако не постои, зошто носите?
Па, јас не носам, превентивно носам во Велес, зашто не ме пуштаат во продавница.
– Инаку не би ставиле?
Не, не би ставил“, ни кажа Влатко Стефановски, жител на с. Иванковци.

– Е па, зошто не ставате?
Ама зошто да носам? Овде нема, ниту може да има.
– Кој ви гарантира?
Јас ви гарантирам, природата е таква“, прокоментира друг жител на селото, Владо Величковски.
Зошто луѓето се индиферентни и покрај бомбардирањето со информации за ковид-19? Прашањето е комплексно и за професорот по психологија Атанас Кирјаковски, кој смета дека индивидуалецот се соочува со низа умствени фактори и во оваа пандемија. Кирјаковски објаснува дека еволуциски, луѓето секогаш имале тенденција кон оптимизам.

Луѓето, вели тој, сакаат да веруваат во правичен свет.
„Веруваат дека лоши работи им се случуваат само на лоши луѓе. И третиот феномен, кој се поврзува со пасивноста на луѓето да ги следат и имплементираат мерките, е феноменот на научена беспомошност. Кога еден организам се наоѓа во ситуација на агонија и на страдање, но во исто време не може да направи ништо за тоа, учи да стане беспомошен. И кога тој организам, или тоа животно, или во овој пример – човекот, ќе го преместите во ситуација кога може да преземе нешто за да ги ублажи такви страдања, тој не го прави тоа, затоа што научил да се однесува беспомошно“,
вели Кирјаковски.
Велес и околината не се изолиран пример. Вакви ставови делат и жители на скопски Сарај, едно од актуелните жаришта на коронавирусот.
Професорот по антропологија Љупчо Ристески смета дека медиумите треба бидат шаренолики во известувањето, и да се обидат да презентираат и позитивни примери. Отпорот на луѓето го припишува на презаситеноста од негативни вести, но и на недовербата кон јавните институции градена со години.

Одбивноста да се посегне кон лична заштита, па дури и да се работи само за маски или дистанца, Ристески ја припишува и на културните и општествени карактеристики на нашето поднебје.
„Некој вообичаено тоа го нарекува менталитетот на луѓето. Кај нас е многу вообичаено таа блискост да се искажува покрај останатото и преку физички, непосреден контакт. Тие споредби со некои од земјите во Скандинавија и нивниот начин на однесување, тоа се едноставно несоодветни споредби во смисла на обрасците на културно однесување. Може да се промениме и работите многу се променија, гледаме во најголем дел граѓанството во државата сосема јасно се придржува до мерките оти тоа ако не беше така ќе имавме рапидно зголемување. Сега е важно тоа да продолжи да се практикува“, вели проф. по антропологија Љупчо Ристески.
Здравствените власти постојано велат дека ширењето на заразата е под контрола, но и дека луѓето не смеат да се опуштат. И додека овие зборови се повторуваа настапија верските лица.
„Јас мислам дека лажичката и причестата не придонесуваат. Оној што се плаши од причеста нека не пристапи. Не можеме да менуваме традиција од векови“, кажа за ТВ Телма владиката Тимотеј во пресрет на големиот христијански празник Велигден.
„И да знаете дека Ковид-19 можам слободно да го прогласам дека е умрен од денеска“, рече поглаварот на ИВЗ, Сулејман Реџепи, на муслиманскиот празник Бајрам.
„Една од доктрините на најголемиот број на религиите е тоа дека Бог треба да ни е во срцето. Е, ако е така, тогаш нема потреба во вакви случаи да се изложуваме и најважно од сѐ е да ја изложуваме заедницата на поголеми ризици“, порачува антропологот Ристески.
Не само верските лидери туку сите авторитети треба да се обединат и нивното влијание да се насочи исклучиво за дејстување во интерес на заедницата, додава професорот Кирјаковски.
„Рол-модели од сите релевантни фактори, да се лоцираат лица кои се локални авторитети и тие лица да се таргетираат, да се едуцираат и понатаму да ја спроведат пораката. Понатаму, самите политичари да покажат соработка, да покажат дека ова е проблем кој нѐ засега сите нас и дека треба да престанеме со политички игри и ценкања и после тоа кога ќе го решиме може да продолжиме ‘да се колеме’ што се вика. Во овој момент мора да се покаже солидарност, соработка и унитарност“, порачува Кирјаковски.







































