Во последново деноноќие на социјалните мрежи се споделуваат три вести кои многу говорат за тоа кој сè зазема место во медиумскиот простор во нашата држава.

Во услови на пандемија, кога медиумите играат една од најважните улоги во општествотово преку навременото и објективно информирање на граѓаните, некои изгледа подзаборавија дека не треба да ја злоупотребуваат својата влијателност за некои други цели.

Бесмисленоста и некоректноста одат дотаму што некои медиуми јавно ликуваат на веста за корона-позитивни функционери на СДСМ, а други пак покануваат гостин во емисија, а на екранот го квалификуваат како предавник, без гостинот воопшто да биде свесен какво исмевање доживува за време на емитувањето на емисијата во живо, а трети фабрикуваа вест дека Грција им забранила влез на жители на корона-општини, на пример на тетовци, чаирчани, бутелчани…

  1. Прв пример како НЕ ТРЕБА да се однесува одговорен медиум е да фабрикува и шири лажни вести со намера да револтира или испаничи одредена група на граѓани. Веста дека Грција забранила влез за македонски граѓани од одредени општини како Тетово, Бутел, Чаир и др. е секако бесмислица и истата експресно беше демантирана од Министерството за надворешни работи.

2. Втор пример како НЕ ТРЕБА еден медиум да известува за заболен од коронавирус, па макар бил и за нив не многу симпатичен функционер или политичар, е да не оди со лични квалификации, а камоли да ликува затоа што некој заболел од ковид-19, а насловот “Господ гледа” сигурно ви кажува сè што треба да знаете за вакви медиуми.

3. Трет пример на некоректно однесување во медиумскиот простор е кога за време на гостување на Стојанче Ангелов на една телевизија со национална фреквенција, гостинот беше свесно третиран со потсмев од страна на домаќините така што на екран за цело времетраење на емисијата стоеше квалификацијата “од херој до предавник”, а притоа гостинот не беше воопшто свесен за позицијата во која е ставен.

Толку за сериозноста и објективноста на одредени медиуми!

Сето ова се случува за време на едно деноноќие, па сега замислете колку ли такви вести проголтала одредена категорија граѓани подобни за манипулација која очигледно им е таргет на ваквите медиуми?!