На денешното судско рочиште во Основниот суд во Велес, на кое на обвинителна клупа се најде поранешниот претседател на Основен суд Скопје 1, Владимир Панчевски, тој даде негативен одговор на прашањето дали се чувствува виновен.
На Панчевски му се суди за злоупотреба на службената положба и овластување за влијание врз начинот на електронската распределба на предметите што доаѓале во судот на одлучување.
Помеѓу сведоците кои дадоа свој исказ денес беше и службеничката Љиљана Спасовска, која како сведок потврди дека предмет меѓу првите добиен од СЈО, со звучни имиња, усно бил распределен кај судијката Татјана Михајлова.
Михајлова го судеше случајот на СЈО за насилствата и шамарите во Општина Центар до декември 2017, кога беше префрлена од организиран криминал во прекршоци.
Еден од сведоците беше и судијата од Врховен суд Стојанче Рибарев, кој во периодот од март до ноември 2017 беше в.д. претседател на Основен суд Скопје 1.
„Во време додека бев в.д. претседател не се изврши проверка на работа на АКМИС системот во периодот кога претседател бил Панчевски. Имаше две писмени обраќања на судијките Весна Димишкова и Славица Андреевска за тоа дека предмети се делеле на рака, не електронски. За тоа дека предмети се добивале надвор од утврдениот редослед, од овие две судијки, писмено бил известен и Судскиот совет“ – кажа Рибарев.







































