Министерката за труд и социјална политика Јагода Шахпаска денеска оствари средба со шведската амбасадорка во нашата земја, Кристин Форсгрен Бенгтсон, на која биле потврдени добрите меѓудржавни односи, поддршката која Шведска и ја дава на нашата држава и соработката на повеќе полиња значајни за градење на едно современо и модерно општество кон кое се стремиме, соочено со предизвиците кои ги носи новото време.
-Голема чест ми претставува да бидам дел од Владата која посветено работи на остварување на нашите стратешки цели како држава и ги преточува во реалност. Станавме членка на НАТО и нашата следна цел е и да бидеме дел од европското семејство, членка на Европската унија. Беше навистина голем предизвик да се биде дел од Парламентот кој донесе значајни и историски одлуки, кои пак значат просперитет на нашата држава и обезбедуваат подобар животен стандард за сите граѓани, истакна Шахпаска.
Од ресорното министерство информираат дека на средбата се разговарало и за предизвиците со кои се соочуваме како држава изминатиот период, во време кога целиот свет е исправен пред предизвикот од корона пандемијата, носењето на економските пакети насочени за помош на компаниите, граѓаните, а особено оние на кои помошта им беше најпотребна, а тоа се ранливите категории граѓани. Шахпаска информира дека се подготвува уште еден дополнителен пакет економски мерки, кои ќе помогнат во справувањето со состојбата која ја донесе корона кризата.
-Амбасадорката на Шведска, посочи дека силно ја поддржува Република Северна Македонија кон нејзината интеграција во Европската унија и изрази задоволство во однос на напредокот кој го постигна земјава за релативно краток период. Воедно истакна дека Шведска останува да биде голем поддржувач на земјава и останува отворена за соработка на повеќе полиња, споделување на досегашното искуство и преточување во реални проекти и мерки прилагодени на нашето општество, информираат од Министерството за труд и социјална политика.
Двете соговорнички се согласиле на продлабочена соработка и во иднина, каде и понатаму приоритети ќе бидат демократијата и владеењето на правото, животната средина, безбедноста и пазарната економија, со значително повисок степен на интеграција, поради, како што велат од МТСП, очекуваното отворање на поглавјата во пристапните преговори.







































