Првиот вицепремиер и министер за политички систем и односи меѓу
заедниците, Артан Груби, денеска го посети Движењето против хендикеп „Полио Плус“ во Скопје.
Груби, како што соопшти неговиот Кабинет, во оваа пригода рече дека заложбите на движењата за правата на лицата со посебни потреби овозможуваат создавање едно општество во кое лицата со попреченост се рамноправни граѓани и интегрирани во општеството.
Тој го информираше претседателот на Движењето против хендикеп „Полио Плус“ Звонко Шавревски дека се работи на изготвувањето на новиот Закон за вработување на лица со посебни потреби и составувањето на националниот регистар на лица со посебни потреби.
Груби пред претставниците на Движењето против хендикеп „Полио Плус“ рече дека тој и неговиот тим ќе се обидат да бидат силен глас и коректор на мерките за оваа категорија на луѓе и дека ќе ја поддржи секоја иницијатива за покренување на прашањето за лицата со посебни потреби.
Претседателот на Движењето против хендикеп „Полио Плус“, Звонко Шавревски му рече на Груби дека Конвенцијата за правата на лицата со попреченост мора правилно да се спроведе во Северна Македонија. Тој исто така го информираше Груби дека мисијата на Полио Плус е и ќе остане да ја зајакне самодовербата кај лицата со посебни потреби и да создаде општество со еднакви можности за сите со цел да се надминат бариерите.
Претседателот Шавревски и раководителката на програмата на Движењето „Полио Плус“ Елена Кочовска, му порачаа на првиот вицепремиер Груби дека ова движење ќе продолжи да го промовира пристапот до еднакви можности на лицата со попреченост да учествуваат во сите клучни области на општеството. Во оваа прилика, тие побараа да се зголеми меѓусебното почитување и да им се овозможи на луѓето со посебни потреби да функционираат заедно со другите, бидејќи само на овој начин можеме да чекориме напред.







































