Предложените мерки од страна на Комисијата за заразни болести не треба и не смее да биде предмет на партиско и политичко преговарање, рече генералниот секретар на СДСМ, Љупчо Николовски во вечерашното гостување во дневникот на Сител ТВ.
Николовски кажа дека верува во стручноста на комисијата и додаде дека е уверен дека и граѓаните веруваат во стручните препораки на Комисијата коишто ги предлага во изминатиот период, од почетокот на пандемијата со Ковид 19.
Николовски вели дека не е за полициски час, туку смета дека е исклучително важно строго да се почитуваат постојните мерки и сите да се однесуваат совесно и одговорно.
“Треба цврсто да стоиме до мерките на комисијата за заразни болести, зошто тие најдобро знаат и тоа се покажа и граѓаните имаат доверба во стручните власти во комисијата бидејќи се постапува одговорно”, кажа Николовски.
Генералниот секретар на СДСМ верува дека сите партии ќе се постават одговорно кон предложените мерки од страна на Комисијата за заразни болести за коишто се потребни измени во Законот за заштита на населението. Николовски апелираше дека е време сите да се однесуваат одговорно.
“Да не ги кочиме процесите, измените кои се посочени во Законите. Верувам дека утре и задутре Собранието ќе заседава и ќе се донесат измените во Законот за кој се предложени и мислам дека не треба да преговараме партиски и политички за мерки кои се кажани од стручна комисија”, додаде Николовски.







































