Досегашната политичка соработка помеѓу Владата и Амбасадата на Франција, економската соработка помеѓу двете земји и активностите со кои соработката ќе се унапреди беа тема на разговор на денешната средба во Скопје меѓу вицепремеирот за економски прашања, координација со економските ресори и инвестиции, Фатмир Битиќи со новоименуваниот амбасадор на Република Франција во нашата земја, Сирил Бомгартнер.
Вицепремиерот, информираат од неговиот кабинет, му посака многу успех на Бомгартнер во вршењето на новата должност, пришто се заблагодари за досегашната поддршка од Република Франција во евро-интеграциските процеси на земјава и порача дека очекува соработката и понатаму да продолжи.
Новиот француски амбасадор ги реафирмираше ставовите и подвлече дека Франција ќе продолжи со поддршка на реформите во нашата земја, за европската интеграција на Северна Македонија, особено за реформите во правосудството, справувањето со климатските промени и заштитата на животната средина и економски развој на земјата.
Во однос на економската соработка, соговорниците се согласија дека има голем потенцијал за да се унапреди истата. Вицепремиерот Битиќи ги презентираше можностите за инвестирање во земјава и посочи декаа во наредните неколку години ќе се реализираа големи капитални проекти во патната, железничката, енергетската и комунална инфраструктура, на кои би можело да аплицираат и француски компании со искуство во соодветните области и кои веќе реализирале вакви проекти.
Вицепремиерот Битиќи и новоименуваниот француски амбасадор Бомгартнер се согласија дека потенцијалот за економска соработка треба да се искористи и дека за тоа ќе продолжат со меѓусебна комуникација и координација.







































