На денешниот Меѓународен ден за борба против корупцијата ја испраќаме пораката, дека Владата отвори широк фронт во битката против корупцијата и има силна политичка волја за справување со оваа појава, истакна вицепремиерот за борба против корупција и криминал, за одржлив развој и човечки ресурси, Љупчо Николовски.
„Волја, да создадеме функционален систем во интерес на сите граѓани, систем кој постојано генерира и испорачува правда, правна држава, ред и поредок. За да обезбедиме редот и законот да важат за секого, во целиот процес важни сме сите, институции, судство, медиуми, експертска јавност, невладин и приватен сектор, јавноста.
Во владината четиригодишна програма поставивме јасни столбови во борбата против корупција, преку воспоставување соодветни механизми и преку отворена и редовна меѓу-институционална комуникација и соработка. Само со отчетни институции, кои ќе покажат отпор кон корупцијата ќе ја постигнеме целта за бескомпромисна борба. Тоа е и приоритет на мојот мандат“, посочи Николовски.

Корупцијата и политичките злоупотреби се најголеми непријатели на граѓаните, на институциите и на чесните политичари. Го оштетуваат буџетот, ја рушат правната држава, ги слабеат институциите и ја загрозуваат демократијата, создавајќи недоверба меѓу граѓаните. Корупцијата секогаш треба да се гони, но, треба и да се превенира.
Оваа битка е заедничка, не познава партии, професии или етникуми, затоа е потребна поддршка од сите. Заедно за нулта корупција!“, потенцираше Николовски.







































