Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски денеска оствари средба со новоназначениот директор на Царинската управа, Горан Сугарески.Целта на средбата беше унапредување на соработката и на процесите кои Царинската управа ги има со сите институции со кои по надлежност соработува.
На средбата од двете страни беше потврдена успешноста на соработката на двете институции која во иднина само ќе се унапредува, а фокусот беше ставен на заедничката борба против организираниот криминал и корупцијата и тековната соработка преку заедничките проекти на полицијата и Царинската управа.

Министерот ја аргументираше борбата против криминалот и корупцијата со создавањето на Националниот центар за борба против корупцијата со седиште во МВР, во кој учестуваат сите институции кои имаат надлежности на прогон и истрага за борба против корупцијата, во кој, секако, спаѓаи Царинската управа.
„Досегашната добра меѓуинституционална соработка ќе продолжи и понатаму во однос на идните начини за ефикасно преземање на непосредни заеднички активности за заштита на државната граница на Република Северна Македонија, зајакнување на активностите за борба против корупција, спречување и откривање на организиран и други видови криминал, олеснување и забрзување на движењето на стока и патници и поефикасно искористување на расположивите ресурси“, посочи директорот Сугарески.

Заеднички и од двете страни се потенцираше дека за успешна борба со организираниот криминал и корупцијата е потребна посилна соработка со Јавното обвинителство, која се очекува да достигне повисоко ниво.
На состанокот се разгледа и планот за отпочнување на неколку големи заеднички проекти во делокругот на постојаната соработка меѓу МВР и Царинската управа, со цел нивна континуирана успешна имплементација.







































