Продолжува трендот на зголемување на процентот на граѓани кои остануваат силни поддржувачи на Европската Унија. Зголемен е процентот на оние кои сметаат дека членството во ЕУ е „добра работа“ (70,8 проценти) и „корисна работа“ (74,3 отсто), покажува последниот ЕВРОМЕТАР од февруари 2021 кој е дел од традиционалните продукти на Евротинк.

Испитувањето, како што соопшти на денешниот брифинг Иван Стефановски, извршен директор на Евротинк, е направено од агенцијата Индаго од Скопје преку компјутерски асистирана телефонска анкета во периодот 4 февруари до 15 февруари 2021 на репрезентативен примерок од 1015 испитаници со +/- 3 проценти маргина на грешка.

Мнозинството граѓани, според испитувањето, на референдум би гласале „за“ влез на Северна Македонија во ЕУ, а зголемен е процентот на граѓани кои очекуваат влез во ЕУ во наредните пет години.

Се уште е голем бројот на граѓани кои имаат негативно мислење за односот на ЕУ кон Северна Македонија, 47,4 отсто од нив оценуваат дека односот на ЕУ кон државата е нефер, надмен и уценувачки, додека пак, 20,7 отсто сметаат дека односот е фер, пријателски, коректен.

Една третина од граѓаните (31,5 отсто) веруваат дека постои држава која претставува закана за Северна Македонија. Половина од нив (51,5 отсто) сметаат дека тоа е соседна Бугарија.

– Во однос на довербата во институциите, повторно најголем број граѓани имаат доверба во Армијата (62 отсто), потоа следи претседателот (41 проценти) и религиозните заедници (35 отсто). Најмалку доверба имаат во судството (13 отсто) и обвинителството (14 проценти), соопшти Стефановски.

Голем дел од граѓаните имаат негативна перцепција за полицијата, односно 63 отсто не се согласуваат дека полицијата во Северна Македонија е независна од политички, владини или бизнис интереси.

Од друга страна, 57 проценти од граѓаните сметаат дека полицијата добро ги извршува своите задачи за време на пандемијата со Ковид-19. Исто така, голем број од граѓаните, 65 отсто, изразуваат позитивен став за работата на полицијата во време на забраните за движење во текот на пролетта 2020 година.