Придобивките од иницијативата „Отворен Балкан” се видливи, тоа што е потпишано веќе се спроведува, нема заджување на камионите на граница, се крати времето на чекање, се кратат административните и царинските процедури, за само 24 часа македонските производи, се на српскиот пазар, изјави утрово министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Љупчо Николовски, кој заедно со министрите за земјоделство на Србија, Албанија и Република Српска, го посетија царинскиот терминал „Делизе” во Белград, Република Србија.

Тој посочи дека за македонските компании е особено важно, што земјоделските производи нема да се расипуваат бидејќи нема да се чека на границите. Со овие забрзани процедури трите земји потписнички на иницијативата „Отворен Балкан”, ќе си помогнат најмногу, особено заради тоашто вкупната трговска размена е околу 300 милиони евра само во делот на земјоделските производи.

Инаку денешната посета на министерот Николовски на царинскиот терминал во Белград е во рамки на одржувањето на саемот „Агро Белград”, кадешто министерот Николовски ќе го посети и македонскиот штанд. Се работи за специјализиран саемско-конференциски настан посветен на овоштарството, лозарството и градинарството.







































