Армијата е подготвена да ѝ асистира на полицијата, кризата е сериозна на глобално ниво и ако граѓаните не се придружуваат до мерките на Владата, разгледувајќи ги сите сценарија, ќе се воведат поригорозни мерки.
Ова го напомена во „Утрински брифинг“, министерката за одбрана Радмила Шекеринска, одговарајќи на повеќе прашања, меѓу кои членството на Северна Македонија во НАТО, здравствените капацитети, работата на Собранието и економските последици.

По указот за прогласување вонредна состојба од страна на претседателот Стево Пендаровски, Шекеринска напомена дека армијата се става во функција на полицијата и дека доколку граѓаните не разберат какви може да бидат последиците, власта нема да посегне кон ускратување на човековите права, но ќе воведе поригорозни мерки со цел да се справи државата со вирусот Ковид-19.

Ако за време на одржување на кризните подрачја на Дебар и Центар Жупа, војската беше ангажирана со 80 припадници, сега, Шекеринска вели, ситуацијата се менува.

– Претседателот потпиша документ дека армијата е поддршка на другите институции, пред се полицијата и сега работиме на можните сценарија. Менаџирањето на границите ќе бидат предизвик. Сега можеме да преземеме повеќе пунктови од полицијата. Војската веќе беше на јужната и северната граница поради мигрантската криза, но најверојатно ќе има потреба да и асистираме на полицијата за вршење редовни контроли. Сите кои не треба да бидат надвор од домот, да не бидат, особено оние кои потпишаа изјави за изолација – изјави министерката за одбрана.