Кандидатот за претседател на Социјалемократскиот сојуз на Македонија, Јован Деспотовски порача дека престојните претседателски избори во партијата се референдум на кој треба членството да одлучи дали ќе се продолжи или раскрсти со старите пракси и политики.
На заедничката презентација со останатите противкандидати во Куманово, Деспотовски рече: „Ги слушам презентациите на моите противкандидати и можам да заклучам дека имаме заеднички точки во програмите. И тоа е добро. Општинските организации сами ќе си го бираат раководството, а и кандидатите за градоначалник и пратеник бидејќи само така ќе ви бидат лојални овде на вас луѓето, а не во Скопје.
Но, да сме на чисто, ние овде не се обединуваме околу програми. Ние овде треба да се обединиме околу концепт. Во духот на Гоце Делчев и јас би сакал да го разберам сега СДСМ како поле на кое ќе се натпреваруваме со идеи и програми. Ама за жал, не е така. Извинете што ќе „ја расипам забавата“ меѓутоа сите го гледаме “слонот во собата“ и треба отворено да зборуваме за тоа. Избороте на 30 јуни ќе бидат на некој начин референдум за СДСМ – продолжуваме по старо или одиме по ново? И за политиките и за кадровски решенија“, рече Деспотовски.
Според него поразително доколку се повтори начинот на кој беше поставен претседателот во 2021 година.
Деспотовски нагласи дека се разликува и во однос на ставовите по клучни прашања за земјава.
„Ме прашуваат дали кога ќе бидам претседател на СДСМ ќе го сменам ставот во однос на уставните измени. Да! Но, не од инат. Ние 3 години по ред застапувавме концепт кој го ставивме на тест пред еден месец и граѓаните му кажаа не. И ако сакаме да бидеме чесни кон тие луѓе кои гласаа 3 наспрема 1 за решението што го понуди ВМРО ДПМНЕ и да покажеме дека ја разбравме нивната порака ќе им кажеме во ред, ја разбравме пораката, а на ВМРО ДМПМЕ ќе им кажеме во ред, спроведете тоа што го понудивте. Дајте предлог, ќе го разгледаме и ако ја заслужува нашата поддршка ќе ја добиете – ама на тој концепт. Ако сакаме да се вратиме наназад за она за кое ние сме се залагале три години и за кое доста искрваревме и си плативме дебела цена на изборите, нема да го прифатиме. Исто не од инат. Бидејќи на тој пат и со тој пристап ги заборавивме луѓето. СДСМ е политичка партија која е формирана да ги штити интересите на државата, но и интересите на своите членови и граѓаните“, рече Деспотовски.
Тој нагласи и дека една од клучните заложби на партијата ќе биде враќањето на вредностите и традициите од АСНОМ на кои почива партијата како наследник на партизаните.