Само една реченица беше доволна повторно да ги отвори прашањата околу еден од најтешките здравствени скандали во поновата историја на македонското здравство.
Во интервју за порталот 360 степени, директорот на Фондот за здравствено осигурување и иден министер за здравство Сашо Клековски откри дека извештајот за непотребните операции на срце бил разгледан на затворена владина седница. Но, што било одлучено – не откри. Образложението е дека во моментот не е член на Владата, туку директор на Фондот.
Формално, тоа може да биде разбирливо.
Но, од аспект на јавниот интерес, остануваат многу повеќе прашања отколку одговори.
Не станува збор за обичен административен извештај
Овој документ не третира технички или кадровски прашања.
Станува збор за извештај на меѓународна експертска комисија која утврди дека кај најмалку девет пациенти биле направени непотребни операции или интервенции на срце, при што биле констатирани сериозни несогласувања меѓу ангиографските снимки и писмените медицински извештаи, што довело до несоодветни индикации за интервенции. Комисијата анализирала 13 случаи, а во девет од нив утврдила отстапувања од професионалните стандарди.
Станува збор за случаи што ја засегаат безбедноста на пациентите, интегритетот на лекарската професија и трошењето на јавните средства.
Затоа прашањето не е дали Владата имала право да расправа на затворена седница.
Прашањето е зошто по таа седница не беше соопштено што е одлучено.
Што точно се крие?
Во вакви случаи транспарентноста не е политичка добра волја.
Таа е институционална обврска.
Особено ако се знае дека токму државните институции претходно ја информираа јавноста за наодите на странските експерти и најавија дека извештајот ќе биде доставен до Владата, обвинителството и другите надлежни институции.
Дали Владата усвоила заклучоци?
Дали утврдила основи за дисциплинска или кривична одговорност?
Дали наложила дополнителни проверки?
Дали извештајот е проследен до сите надлежни органи?
Или сè останало само на констатација?
На ниту едно од овие прашања јавноста денес нема одговор.
360°: Но, треба ли тој случај да се реши? Бидејќи страшно звучи ако е отворен граден кош непотребно.
Клековски: Логично. Значи ако нешто оваа влада и здравствените власти покажаа, е дека се посветени на расчистување на криминалот и корупцијата. Значи, го имаме случајот на Онкологија каде што обвинителството има комплетна поддршка од здравствените власти, вклучувајќи го и Фондот, пошто најголем дел од податоците доаѓаат од здравствените власти од Фондот. Имаме еден уапсен директор од сегашната власт на Клиниката за геријатрија. Од оваа власт имаме повеќе апсења за мито во Прилеп, Битола… настрадаа дваесетина членови на комисии. И јас многу често говорам за злоупотребите. Некои од тие работи бараат структурни промени и доаѓање до коренот на проблемот. А коренот на проблемот е што моментално има три кардиохирургии, а националната уредба за здравствена мрежа рекла дека на Македонија ѝ требаат две кардиохирургии. Кога имате повеќе даватели на услуги од тоа што имате потреба, може да се случат вакви проблеми.
Според упатени извори на „360 степени“, извештајот на Министерството за здравство сè уште не е проследен ниту до МВР ниту до Јавното обвинителство. Изборот на нови министри во Владата е закажан за 13 јули 2026 година.
Случајот со непотребни операции на срце го отвори интервентниот кардиолог Сашко Кедев, кога во јавни настапи кажа дека непотребно се вршеле операции на срце на пациенти. Потоа Министерството за здравство состави домашна комисија од експерти, чија работа беше да прима и да разгледува сомнителни досиеја на пациенти кои имале кардиохируршки зафати. Во комисијата членуваа медицински лица од приватните и од државните болници, претставници на Министерството за здравство и ФЗО.
Наодите од домашната комисија потоа ги разгледуваа тројца странски експерти кои заклучија дека најмалку во девет случаи се изведени непотребни операции.
Министерот за здравство, на почетокот, најавуваше дека извештајот ќе биде јавно објавен. Тоа никогаш не се случи. Сега, откако поминал на затворена седница на Владата, извесно е дека документот се стекнува со степен на доверливост.








































