Техничката министерка за труд и социјална политика Рашела Мизрахи отстранувајќи ја таблата на министерството со официјалното име на државата флагрантно го прекрши токму Уставот и уставниот закон за спроведување на Уставот, кажа денеска шефот на дипломатијата Никола Димитров.

Димитров на прес конференцијата се осврна и на задачите кои ги има Мизрахи како министерка меѓу кои е и таа да внимава да нема злоупотреби во нејзиниот ресор во контекст на организирање фер и демократски избори.

Со ваквиот чин, според министерот за надворешни работи Мизрахи не само што го згазила Уставот туку го прекршила и Законот за ратификација на Преспаскиот договор, ги проблематизирала односите со соседна Грција и создала проблеми.

„Државата нема да го дозволи ова. Министерството за труд и социјална политика не е нејзин стан.Можеби нејзе не и се допаѓа договорот од Преспа. И мене не ми се допаѓа проектот „Скопје 2014“, па одам во Министерството на работа. Таблата во МТСП е јавна исправа и никој не може да ја менува. Добивме официјална реакција од соседна Грција“, информираше Димитров.

Тој додаде дека соседна Грција реагирала на овој чин од страна на Мизрахи и дека испратила вербална нота, а покрај Мизрахи, реакција имало и за министерот за внатрешни работи Наќе Чулев.

Шефот на дипломатијата кажа и дека доколку техничката министерка не ја врати таблата со официјалното име на државата, ќе побара премиерот Спасовски да предложи разрешување на Мизрахи.