Масакрот во Основното училиште „Владислав Рибникар“ во Белград, во кој на 3 мај 2023 година беа убиени девет ученици и училишниот чувар, бил извршен за само 121 секунда, откри Вишиот суд во Белград во образложението на пресудата за родителите на Коста Кецмановиќ.
Судот утврдил дека тогаш 13-годишниот Коста со недели го планирал нападот. Ноќта пред злосторството од плакарот во станот зел два пиштола и муниција, а изработил и четири молотови коктели. Утрото пред да тргне кон училиштето ги наредил оружјето, шаржерите и коктелите на тепих и ги фотографирал.
Во 8:31 часот неговата мајка Миљана му испратила порака со прашањето: „Дали стигна на час?“. Само две минути подоцна Коста влегол во училиштето.
На влезот кратко разговарал со обезбедувачот Драган, а потоа извадил пиштол и го испукал првиот куршум. Во лобито ги убил чуварот и три ученички, по што се упатил кон училницата по историја, каде што испукал најмалку 45 куршуми. Во нападот во училницата биле убиени уште шест ученици.
Според судските наоди, Коста испукал вкупно 66 куршуми, а вештачењето покажало дека погодил со околу 75 проценти точност. По нападот излегол низ прозорец, го фрлил оружјето во дворот и сам ја повикал полицијата.
Коста признал дека нападот почнал да го планира две до три недели претходно, изработувајќи список на потенцијални жртви и скица од училиштето.
Вишиот суд вчера ги осуди неговите родители – таткото Владимир Кецмановиќ на 14 години и шест месеци затвор, а мајката Миљана Кецмановиќ на две години и 11 месеци затвор. Обвинителството најави жалба на висината на изречените казни.
Извор: Плусинфо.мк








































