Продолжуваат реакциите за тендерите на Државната Видеолотарија за набавка на апарати за игри на среќа. Пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ, Илија Димовски, од Собрание потсети дека освен тендерот објавен на почеток на јануари во вредност од 6,5 милиони евра, тендер за терминалите на Видео лотаријата е објавен и во април 2018 во вредност од 7,4 милиони евра, објави ТВ 21.
Обвинувањата на Димовски беа на адреса на власта дека во Видеолотаријата се поставени партиски лица, а 14 милиони евра доколку не се трошеа за апарати за игри на среќа можеа да одат во државниот буџет.
Пред неколку дена, маркетинг менаџерот на Државната видео лотарија, Вики Чадиковска, за Тв21 изјави дека предвидените средства за тендер се нивни заработени од работата на лотаријата и дека не се од државниот буџет, а додаде дека овие предвидени средства можеби и нема да се потрошат.
Иако пратеникот Илија Димовски го критикуваше трошењето милиони за апарати, и тој самиот во 2012 гласал за формирање на Државната видеолотарија. Тоа се случило во времето кога ВМРО-ДПМНЕ била на власт, а измените на законот за игрите на среќа бил проект на тогашниот министер за финансии, Зоран Ставревски. Но и во овој случај Димовски знаеше да се оправда.
Државна Видеолотарија е основана во 2014 година. 49% е надворешен капитал додека 51% државен. Со последниот тендер се предвидува да бидат купени 1500 апарати за видео игри на среќа. Од Државна Видеолотарија велат дека новите апарати нема да бидат апарати плус туку дека ќе ги заменат старите кои се веќе амортизирани.