Претседателот на Собранието, Талат Џафери денеска најави дека доколку до Парламентот биде доставен усогласен Предлог-закон за јавно обвинителство и по содржина и со договорено мнозинство, тој веднаш ќе биде ставен на собраниска седница.

– Има таква деловничка можност, изјави Џафери на средба со новинарите, додавајќи дека се зависи од волјата на парламентарниот состав.

Тој најави и дека Протоколот за Ратификацијата на договорот за НАТО со одложено дејство ќе биде усвоен на 11 февруари на седница на која се поканети да присуствуваат и претседателите на парламентите на земји членки на Алијансата од регионот – Албанија, Бугарија, Грција, Словенија, Хрватска и Црна Гора, како и претставници на Парламентарното собрание на Алијансата и на генералниот секретар на Пактот, Јенс Столтенберг.

Покани за присуство на седницата се упатени и до поранешните претседатели на државата и на Парламентот, како и до лидерите на СДСМ и на ВМРО-ДПМНЕ, Зоран Заев и Христијан Мицкоски.

Протоколот се ратификува со апсолутно мнозинство од вкупниот број пратеници, односно со 61 глас.