Претседателот на Собранието Талат Џафери тврди дека Законот за јавно обвинителство и измените на Законот за Совет на јавни обвинители се донесени во согласност со процедурите, откако при нивното носење за првиот беше повторено гласањето, а за вториот немаше гласање според Бадинтер. Тоа што првично најави дека ќе се гласа според Бадинтер, собранискиот спикер вели дека било негова грешка.

„Прво, Законот за јавно обвинителство е донесен во соодветна процедура. Ако на самото место се утврди дека пратениците се внатре и реагираат дека не го оствариле своето право да се изјаснат, моја обврска е да ја повторам постапката за да можат да ја изразат својата волја. Во однос на Законот за Совет на јавни обвинители, факт е дека, воден од претходните седници на кои два закони беа изгласани со Бадинтер, реков пратениците да се подготват да гласаат по Бадинтер. Кога го видов официјалното сценарио, сфатив дека сум направил грешка и нормално е човек да направи грешка. Законот е изгласан без Бадинтер, така е предвидено, впрочем тоа беа измени и дополнувања, а тие се донесуваат како што е донесен основниот закон. Основниот закон е донесен без Бадинтер. Јас згрешив и мислам дека не е крај на светот“, рече Џафери.

Тој утрово излезе на прес-конференција откако синоќа го потпиша решението за распишување на изборите и апелираше институциите на граѓаните да им да обезбедат услови за фер, слободни и демократски избори.

„Апелирам до сите учесници во овој изборен процес да бидат на висината на својата задача, да придонесат изборниот ден да биде свечен ден и уште еден позитивен прилог во извештајот за напредокот на земјата што треба да биде објавен во март, со што ќе дадеме свој значаен придонес во позитивниот исход на Самитот во Загреб и да добиеме датум за почеток на преговорите со ЕУ“, порача Џафери.

Решението тој го доставил до ДИК, МВР и Министерството за правда.

За неговата работа како претседател на Собранието не сакаше да коментира многу, рече дека подготвува извештај кој ќе биде објавен јавно и граѓаните ќе може да одлучат како работел. Тој, како што порача, се залагал законодавниот дом да биде транспарентен и отчетен и смета дека исполнил добар дел од таа задача. Дали повторно ќе биде претседател или пратеник, како што рече, е одлука на партијата и на граѓаните на избори.