Кандидатот за претседател на СДСМ, проф. д-р Венко Филипче оствари средби со сопартијците од Општинските организации на Ѓорче Петров и Карпош. На средбите, Филипче истакна дека СДСМ ќе биде партија отворена за сите стари и нови членови кои ќе придонесат за добро на партијата и државата. Тој потенцираше дека ако биде избран за претседател ќе развие модел за привлекување на квалитетни кадри, независни експерти кои ќе донесат свежина во СДСМ.
„Често слушам дека се потребни нови луѓе во партијата, но и дека сите треба да си одат и дојдат целосно нови. Ова е многу исклучувачка политика која ги генерализира проблемите во партијата. Со овој став се етикетира и исклучува огромно мнозинство на луѓе кои дале придонес во минатото. Јас сметам дека секако нови луѓе се потребни. Ако бидам избран за претседател ќе развијам модел на привлекување квалитетни кадри, на млади и независни експерти кои ќе донесат свежина”-рече Филипче.
Тој истакна дека СДСМ е партија со голема историја околу која гравитирале врни интелектуалци и големи социјалдемократи, партијата не смее да ги заборави и треба да ги вклучи во процесите.
„СДСМ е партија со голема историја. Во изминатите 30 години во и околу СДСМ гравитирале врвни професионалци, социјадемократи и интелектуалци кои никако не смееме да ги отпишеме. Во услови кога има се помалку луѓе кои сакаат да се вклучуваат во политиката, треба да се искористи целиот човечки потенцијал кој го има партијата. СДСМ треба да се отвори за членови на минати раководства, за секој кој искрено сака и може да помогне да ја подигнеме на нозе и да ги промовираме вредностите на социјалдемократијата”- реќе д-р Филипче на средбата со сопартијците од скопските општини.