Минималната плата денес е над 370 евра, просечната плата е над 650 евра, иако ветивме просечна плата од 500 евра. Пензиите се во просек за 6.000 денари повисоки, и континуирано ќе растат. Обезбедивме рекордна поддршка за домашните компании од 100 милиони евра. Невработеноста ја преполовивме. Имаме рекордни 753 милиони евра директни странски инвестиции. Во само 2 години успеавме да имплементираме проекти со капацитет од 600 мегавати обновливи извори на енергија. – рече претседателот на СДСМ Ковачевски во обраќањето на 28 Конгрес на СДСМ.

За три години преку антикризни мерки обезбедивме помош од 2,6 милијарди евра. Го заштитивме стандардот на граѓаните. Дадовме сѐ од себе во Македонија да се живее подобро отколку пред седум години. Направивме храбри и вистински чекори и резултатите се и видливи. – рече Ковачевски

Јас сум искрен човек, а СДСМ е партија која секогаш е отворена пред граѓаните. Ние во изминатите седум години правевме и грешки. Некои беа кадровски, некои беа политички. Јас не се срамам да го признаам тоа. Знам дека во нашата држава сè уште има граѓани чие секојдневие е тешко, кои живеат во сиромаштија. Знам дека има граѓани кои се заглавени во лавиринтите на правниот систем. Знам дека има многу простор за подобрување на состојбите во здравството и во образованието. – посочи Ковачевски

Но, знам и нешто друго. Во изминатите седум години донесовме и многу храбри и државнички одлуки. Ја ослободивме заробената држава која беше на 138 место по слободата на медиумите. Станавме рамноправна членка на најмоќната НАТО Алијанса. По 17 години чекање, конечно ги откочивме преговорите за членство во Европската Унија. Ова се резултатите кога вистински се сака татковината. – посочи претседателот на СДСМ Димитар Ковачевски во денешното обраќање на 28 Конгрес на СДСМ.