Став на Националната земјоделска мрежа по повод изгласаната доверба на министерот за земјоделство:
Почитувани земјоделски производители,
Во текот на вчерашниот ден бевме сведоци на бурна и тензична расправа во Парламентот околу досегашното работење на ресорниот министер за земјоделство, шумарство и водостопанство, Цветан Трипуновски.
Како Национална земјоделска мрежа, многупати досега јавно и гласно го искажавме нашиот став дека како земјоделци воопшто не сме задоволни од политиките кои се креираат во Министерството за земјоделство.
Вчера, парламентарното мнозинство го искористи своето законско право, го донесе крајното решение и повторно му искажа доверба на министерот, продолжувајќи го неговиот мандат.
Националната земјоделска мрежа и нејзините членови, по сите упатени критики, конструктивни сугестии и јавни укажувања, сега очекуваат радикална промена во начинот на управување и креирање на политиките. Очекуваме промени во позитивна насока кои конечно ќе го одлепат македонскиот аграр од дното во кое се наоѓа во моментов.
Доколку ова не се случи во најбрз можен рок, логично е да се очекува нова интерпелација, но овој пат не во Собранието, туку директно од страна на незадоволните земјоделци на улиците.
Остануваме со искрена надеж дека во периодот што следи конечно ќе дојде до вистински позитивни промени и дека македонскиот земјоделец ќе си го добие своето заслужено и достоинствено место во општеството, надвор и далеку од сите политички партиски калкулации и бизнис профитерски кругови.








































