На свечена церемонија со кревање на знамето на Северна Македонија, вчера во седиштето на НАТО во Брисел се означи официјалното пристапувањето на земјава во Северноатлантската алијанса.
Како дел од свечената и церемонијална завршница на стапување на земјава во полноправно членство во НАТО, истовремено беа подигнати три македонски знамиња, две во Белгија и едно во САД. Церемонијата на подигнување на знамето се одржа симултано во исто време и во седиштето на Здружената команда за операции (Shape – Mons) и во седиштето на Здружената команда на НАТО за трансформации во Норфолк, Вирџинија.
Знамето пред седиштето на НАТО беше кренато додека се интонираше химната на Република Северна Македонија.
Пред свеченото кревање на знамето добредојде на нашата земја во Северноатлантската алијанса посака генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, истакнувајќи оти ова е историски момент за нашата земја.
Тој истакна дека Договорот од Преспа го овозможи пристапувањето во НАТО и овозможи добрососедски односи и светла иднина за Северна Македонија.
– Вашата напорна работа го овозможи овој ден. Ова е добро за стабилноста, безбедноста и мирот на цел Западен Балкан, рече Столтенберг.
Тој потенцира дека во времиња како ова, пријателите и сојузниците се поважни од кога било, а Северна Македонија ги има најдобрите пријатели и сојузници во светот. Посилни сме заедно. Добредојдовте во НАТО!, порача Столтенберг.
Генералниот секретар на НАТО, веднаш по церемонијата напиша на Твитер: „Историски момент. 30 знамиња се кренати пред седиштето на НАТО, посакувајќи и добредојде на Северна Македонија како наша најнова членка“.
Историски ден за НАТО, и за сите граѓани на Северна Македонија. Тука сме стоиме цврсто и стабилно пред централното седиште на НАТО, конечно заедно сите сојуззници. Нашето знаме се виори заедно со другите 29 знамиња на НАТО сојузницте, изјави денеска в.д. шефот на Постојаната мисија на Република Северна Македонија при НАТО, Зоран Тодоров на свечената церемонија во седиштето на НАТО во Брисел.
– Со членството во НАТО нашата иднина ќе биде стабилна, безбедна и просперитена. И ние ќе носиме одлуки за најважните прашања во рамките на насилната, најдобро организираната и најефикасната алијанса во историјата на шовештовото. Од сега натаму не сме сами, рече Тодоров.
Ние сме свесни, додаде тој, дека НАТО не е само за нашата стабилност и безбедност и сигурност. Како мала земја во срцето на Балканот која ја доби својата независнот пред речиси 30 години на мирен начин, прашањето на нашата безбедност, посочи Тодоров, секако е прво и најважно, меѓутоа нашето пристапување кон НАТО потврдува едно поважно постигнување, а тоа е гаранција за заштита на демократските вредности на модерниот западен свет на парламентарна демократија кои ги споделуваат една милијарда луѓе на овој дел од светот, а ги споедлуваме и ние – човековите права, владеењето на правото, доброто владеење и социјална заштита за сите.
– Нашето членство во Алијансата длабоко сум убеден дека е триумф на три интегрални сегменти од нашата Влада. Надворешната политика и нејзината професионална демократија, Армијата и нашата мудра, сеопфатна и темелна одбранбена политика, но над се тоа е триумф на целото македонско општетство и на сите граѓани на нашата Република, рече Тодоров.
Тој порача дека Северна Македонија е подготвена да ги преземе сите обврски од членството во НАТО.
Свечената церемонија на подигањето на македонското знаме пред седиштето на НАТО во Брисел, преку видео врска во Скопје ја следеше и претседателот на Владата на Република Северна Македонија Оливер Спасовски, по што имаше и кусо обраќање.
Спасовски рече дека денеска го остваруваме најголемиот успех на нашата земја од нејзината независност до денес. Знамето на Република Северна Македонија денеска гордо се развиори во кругот на знамињата на семејството сојузници на НАТО. Патот беше долг, како што рече тој, но наградата што пристигна денеска со погледот на знамето на нашата земја во седиштето на НАТО во Брисел ја заслуживме.
– Бидете горди почитувани мои сограѓани. Знамето на Република Северна Македонија е симбол на сигурна, безбедна и просперитетна иднина на нашата земја. Навистина ние денеска водиме една друга битка, битка со короната. Но, за момент ќе си дозволиме да се израдуваме, да се запише дека денеска е ден за паметење, ден историја. Ден кога нашето знаме се развиори заедно и рамноправно со другите од семејството на Северноатлатнската алијанса, најмоќниот воено безбедносен сојуз со историјата на човештвото, рече Спасовски.







































