Францускиот претседател Емануел Макрон изјави дека ако извештајот на Европската комисија за Северна Македонија и Албанија во март е позитивен, тој ќе поддржи отворањето пристапни преговори со двете држави.
„Го чекаме извештајот во март. Ако резултатите се позитивни и е воспоставена доверба, тогаш ќе бидеме во позиција да ги започнеме преговорите“, рече Макрон на Минхенската безбедносна конференција.
Тој оцени дека Европската комисија (ЕК) завршила значајна работа со реформа на методологијата за преговори.
„Процесот на проширување мора да биде пополитички, појасен и со можност за резервибилност. Тој предуслов е исполнет“, порача Макрон.
Првично, скратените извештаи на ЕК за Македонија и за Албанија, кои Макрон ги спомнува како услов, беа најавни за крајот на февруари, но најверојатно ќе бидат објавени во март.
Европската комисија на 5 февруари објави ревидирана методологија за начинот на кој ќе се одвива процесот на пристапување за земјите кандидати. Таа ги зема предвид барањата на Франција за реформа.
Извор: 360 степени