„Ако сме искрени во намерите, ако сакаме да имаме владеење на правото, ако навистина сакаме судска завршница на сето она што беше отворено како случај од нелегално прислушуваните разговори и сме искрени во тоа, и при тоа искрено посакуваме да ја видиме нашата држава во ЕУ, тогаш би требало да го поддржиме текстот на предлог Законот за јавно обвинителство“- аргументираше министерот за администрација и информатичко општество, Дамјан Манчевски во вечерашната емисија “Патот кон“ на телевизија Алсат.

Тој пренесе дека се направени големи поместувања на ставовите на политичките партии, односно дека полека се оди кон законско решение прифатливо за сите. „Треба да видиме каква ќе биде и финалната одлука на сите партии, ако некој е против овој закон тогаш сака да се стопираат сите судски процеси коишто во моментов се отворени, а прозилегуваат од масовното нелегално прислушување на граѓаните од страна на претходната власт“- поентираше Манчевски.

Токму во незавршените судски процеси и опструкциите кои ги предизвикува ВМРО ДПМНЕ преку своите инсталации во судството, се крие причината зошто Македонија назадува на скалата за корупција на „Трансперенси Интернејшенал.

„Ние имаме сериозен проблем со правосудниот систем. Значи овој извештај за состојбата со корупцијата се однесува на впечатокот на граѓаните за борбата против корупцијата и нормално е дека тој е таков. Кога граѓаните гледаат дека не се процесуираат случаите, дека се блокираат на различни начини, дека оние коишто се осудени со правосилни пресуди не се влезени во затвор, дека луѓето не ја добиваат заслужената правда, да, впечатокот секако го влоши и случајот „Рекет“ но случајот „Рекет“ се процесуира имаме луѓе коишто се обвинети. Системот во овој дел функционира но останува дека прислушуваните разговори, политичкиот огромен скандал почна да се обелоденува 2015 година сега сме 2020 год и никој се уште нема одговорано за тоа“- посочи потпретседателот Манчевски.

Во овој контекст Манчевски потсети дека во новиот мандат СДСМ ќе направи проветрување на правосудниот систем, а тоа значи дека ќе се споредуваат имотите на судиите и обвинителите со нивните примања. „Му дадовме шанса на судството во надеж дека ќе престанат притисоците, како политичките, така и личните и бизнис влијанијата, но има еден дел во судовите и обвинителствата кои влечат корени од ВМРО ДПМНЕ и кои тешко ќе го променат однесувањето. Затоа овој процес се наметна како неминовен“- заврши Манчевски.