„За прв пат од 2024 година лозарите добиваат гарантирана цена на винското грозје, нешто што беше барано со години. Оваа е прва година во која ќе испорачаме, на законски начин, да биде пресметана производствената цена и да има гарантирана цена на смедеревката, вранецот и висококвалитетните сорти“ рече министерот за земјоделство, Љупчо Николовски на митингот на СДСМ и Коалицијата за европска иднина во Неготино.

Тој додаде дека во мај ќе се донесе новата методологија, а на 15 јули ќе бидат објавени минимални цени на кои секој откупувач ќе мора да додаде уште 25 отсто.

„Ако не бидат исплатени, ќе има казни и за откупувачите и за винариите. Даваме законска, гарантирана поддршка на сите лозари да имаат гарантирани цени“ рече Николовски.

Министерот додаде дека со новата програма на СДСМ се обезбедуваат 1,35 милијарди евра поддршка за земјоделството, за модернизација на македонското земјоделство.