Владата на барање на Министерството за здравство донесе препораки за новиот топлотен бран што се очекува да ја зафати државата во следните три дена по информациите добиени од Институтот за Јавно здравје и метео-алармот на Управата за хидрометеоролошки работи.

Во препораките за намалување на ризиците од високите температури што ги усвои Владата на вчерашната седница се предвидува ослободување од работните обврски на најранливите групи население, односно бремените жени и лицата на возраст над 60 години од 12 август 2024 до 14 август 2024 година.

Во истиот период, работодавачите да ги реорганизираат работните активности на градежните работници и на работниците кои работат на отворено, со тоа што ќе се избегне вршење градежни и други работни активности на отворено во периодот од 11 до 17 часот.